Во последниот период се појавија информации дека групи бездомни кучиња намерно се пуштаат на подрачјето на Националниот парк „Јасен“, кој се наоѓа на територијата на општина Македонски Брод. Ова не е прв ниту изолиран случај кој очигледно се врши организирано од служби со оглед на тоа дека за волкав број на кучиња се потребни стручни лица кои би го вршеле заловувањето и соодветен капацитет за транспорт на волкава бројка на кучиња, информираат од Анима Мунди.
Со ова постапување не само што се загрозува биолошката рамнотежа во еден од најзначајните заштитени предели во државата и благосостојбата на животните, туку и директно ја префрлаат сопствената неодговорност врз природата.
Да потсетиме, најголемиот број од бездомните кучиња потекнуваат од неодговорно сопствеништво, а една од најголемите категории се токму ловџиите чии мешанци се токму овие кучиња приложени на фотографијата. Многу од нив ги пуштаат кучињата да се размножуваат без контрола или пак ги напуштаат кога веќе не се „корисни“ за лов. Наместо соодветен институционален одговор – регистрирање, кастрации и санкционирање – гледаме импровизирани и штетни решенија како исфрлање цели групи животни во национален парк кои дополнително ќе се размножат.
Со вакви потези јавноста повторно ќе биде убедувана дека кучињата се „проблем за дивиот свет“, додека вистинскиот и најголем штетник за природата останува човекот со својата алчност, неодговорност и себичност како и инертноста на институциите и општините.
Бараме од надлежните институции:
- Итна истрага за сите случаи на намерно пуштање кучиња во Националниот парк „Јасен“.
- Усвојување јасна стратегија за справување со неодговорното сопствеништво, вклучувајќи регистрација, казни и задолжителна стерилизација.
- Вклучување на јавноста и експертите во креирање на политики кои навистина ќе ја штитат и природата и животните.
- Спроведување на единствено хуман третман од страна на сите општини на територијата на државата
Решението за бездомните кучиња не лежи во префрлање на проблемот врз природата, туку во одговорни политики и системски мерки. Само така ќе се обезбеди трајна заштита и на животните и на националното богатство кое го претставува паркот ‘Јасен, се наведува во реакцијата на Анима Мунди.


