Министерот за здравство, Сашо Клековски денеска на скопскиот аеродром ги пречека хирурзите од Медицинскиот центар „Шеба“ од Тел Авив, кои оваа недела ќе им помагаат на повредените во трагедијата во Кочани.

Тимот го сочинуваат д-р Моти Харац, директор на Националниот центар за изгореници, д-р Матан Шерф, специјалист по пластична и реконструктивна хирургија и хирургија на рака, и д-р Тал Канфино Кац, ортопедски и реконструктивен хирург. Харац и Канфино Кац беа во земјава и веднаш по трагедијата, кога заедно работеа со македонските лекари.
Најпрво ќе направат проценка на состојбата на пациентите, а потоа ќе следуваат интервенции во Кочани и во Скопје, заедно со домашните медицински тимови.
„Шеба“ е најголемиот и најсеопфатен медицински центар на Блискиот Исток, а според Newsweek за 2026 година е рангиран на 7. место меѓу најдобрите болници во светот.
Министерот им се заблагодари на израелските колеги што повторно се тука: „Нашите пациенти добиваат најдобра можна стручност, а нашите лекари драгоцено искуство.“


