Претседателот на СДСМ, д-р Венко Филипче, на денешната прес-конференција во Собранието упати директни обвинувања кон премиерот Христијан Мицкоски и гувернерот Трајко Славески за случајот со Алта банка, посочувајќи дека илјадници граѓани не можат да стигнат до своите пари, а нивната животна заштеда е загрозена.
„Христијан Мицкоски, организираната криминална група и гувернерот Трајко Славески, очигледно е дека ќе помогнат да се опљачкаат помеѓу сто педесет и сто осумдесет милиони евра од граѓаните“, изјави Филипче.
Филипче потсети дека СДСМ речиси една година предупредувал за ризиците поврзани со Алта банка и побара премиерот и гувернерот да одговорат како бил дозволен нејзиниот влез во земјава и дали било проверено потеклото на капиталот.
„Гувернерот треба да одговори на многу прашања, исто така и премиерот Христијан Мицкоски. Како дозволиле влез во земјата на Алта банка? Дали се испочитувани сите процедури? Дали е направена контрола на средствата и нивното потекло коишто влегле при купување на Алта банка?“, праша Филипче.
Тој оцени дека случајот е уште еден доказ за начинот на кој владее Мицкоски, овој пат со директни последици врз граѓаните.
„Дека оваа власт кај нас во Македонија, предводена од Христијан Мицкоски, е арамиска и криминална. Ова е само уште еден од доказите. За жал, сега на директна штета на граѓаните коишто тоа ќе го почувствуваат по своите џебови“, истакна претседателот Филипче.
Посебно се осврна на недостапноста на средствата на граѓаните и на состојбата со единаесет илјади пензионери кои примаат пензија преку Алта банка.
„Денеска експозитурите не работат, а на граѓаните не им работат ниту картичките на банкоматите. Како граѓаните ќе си ги повлечат парите?“, праша тој.
Филипче го критикуваше и барањето граѓаните редовно да ги отплаќаат кредитите додека не можат да располагаат со сопствените пари.
„Зошто гувернерот кажува дека и покрај тоа што не можат да си ги повлечат парите, имаат обврска да ги враќаат кредитите? Замислете, каков врв на безобразлук. Со кои пари луѓето да враќаат кредити?“, нагласи Филипче.
Тој побара да се утврди и дали се вршат трансакции меѓу фирми додека средствата на граѓаните се блокирани, како и дали имало трансакции по завршувањето на изборите во Србија.
„Денес, кога им се блокирани средствата на луѓето, а им се дозволени трансакции на фирмите коишто имаат таму средства, дали се префрлаат пари и какви пари се префрлаат од еден правен на друг правен субјект? Ако на овие прашања тие не одговараат, ние бараме Обвинителството час поскоро да се вклучи во оваа работа и сите овие прашања да ги истражи“, порача претседателот на СДСМ.
Филипче најави дека СДСМ ќе покрене иницијатива за надзорна расправа во Собранието и ќе поднесе интерпелација за гувернерот Трајко Славески.
„Да видиме како се дојде до оваа ситуација. Ќе поднесеме интерпелација за гувернерот Трајко Славески, којшто ги остави семејствата, пензионерите, младите без своите средства“, истакна Филипче.


