„Црнила“ во режија на Дејан Пројковски на сцената на прилепскиот театар

Сподели:

Театарот „Војдан Чернодрински“ на 2 ноември, со почеток во 20 часот, на Сцена 105 ќе ја изведе претставата „Црнила“ од Коле Чашуле, во режија на Дејан Пројковски, како дел од одбележувањето на 3 Ноември – Денот на ослободувањето на Прилеп.

Со оваа изведба ќе бидат одбележани и шесте фестивалски награди што ги освои претставата на МТФ „Војдан Чернодрински“ и на Меѓународниот фестивал на камерен театар „Ристо Шишков“ во Струмица. По претставата, на актерот Александар Степанулески ќе му биде врачено признанието за најдобар актер на фестивалот „Ристо Шишков“, за улогата на Луков.

На јубилејното издание на МТФ „Војдан Чернодрински“, претставата освои пет награди, и тоа за: режија на Дејан Пројковски, сценографија на Валентин Светозарев, костимографија на Марија Пупучевска, како и актерските признанија за Сара Спиркоска и Димитар Ѓорѓиевски.

„Црнила“ отвора прашања за поделбите, заедништвото и темните страници од македонската историја.

Музиката е на Горан Трајковски, а драматург е Лидија Митоска-Ѓорѓиевска. Во претставата настапуваат: Сара Спиркоска, Бобан Алексоски, Марија Спиркоска-Илијеска, Александар Степанулески, Александар Тодески, Димитар Ѓорѓиевски, Михајло Миленкоски, Илија Волчески и децата Иво Ачански, Ангелина Тодеска, Давид Кочоски и Ива Малинческа.

Сподели: