Вести Став

Како Балканот да ја отстрани етикетата „буре барут“ на Европа

Сподели:

 

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“.

 Владимир Ѓорѓевиќ

Во регион како што е Западен Балкан, со оглед на неговата понова историја, очекувано е безбедносната соработка да претставува императив за спречување идни конфликти што би произлегле од националистичкото минато. Меѓутоа, реалноста е сосема поинаква. Иако конфликтните 90-ти години од 20 век за кратко време беа заменети со зголемени изгледи за интеграција во ЕУ и со засилена регионална соработка по значајните политички промени што настанаа во регионот по 2000 година, досега само Словенија и Хрватска успеаја да станат членки на Унијата.

Остатокот од регионот и натаму е соочен со прилично неуспешна и крајно нејасна агенда за евроинтеграции, којашто во последната деценија дополнително се заплетка со миграциската криза, новите безбедносни (претежно терористички) закани (дел од нив произлегуваат и од самиот Западен Балкан), економска стагнација делумно предизвикана од иста таква стагнација во ЕУ и, последно, но подеднакво важно, порастот на авторитаризмот на Западен Балкан. Сето ова дополнително влијаеше на регионалната безбедносна соработка на многу негативен начин. Оттаму, и до ден денес, претежно ЕУ ја иницира таквата соработка, којашто во крајна линија зависи од (променливата) волја на политичките елити да (не) соработуваат со своите соседи. Ова укажува на фактот дека безбедносната соработка во регионот во суштина е сведена на политичката мотивација на елитите да (не) преземаат дејства согласно наградите и придобивките од ЕУ што се доделуваат по овој основ.

Фактот што регионалната безбедносна соработка во голем степен подлежи на политичката волја на владејачките елити на Западен Балкан е многу проблематичен и укажува на тоа дека регионот може да не успее да ги реши горливите прашања со кои е соочен и да не успее да пристапи во Унијата во следните години. И не е само тоа, туку недостатокот на безбедносна соработка укажува и на криза на идентитетот што може дополнително да го искомплицира споменатиот пристап во ЕУ за Западен Балкан. Тоа не значи дека досега имало мал број места за регионална соработка насочени кон безбедносни прашања или дека сите овие безбедносни рамки биле неуспешни, туку дека нивниот доброволен карактер и фактот дека подлежат на домашните политички елити и на тоа дали тие претпочитаат да (не) иницираат соработка со нивните соседи и натаму се причини за загриженост. Покрај сè, видовме голем број регионални безбедносни напори во изминатите две децении на Западен Балкан, од кои најголемиот дел беа генерирани, под влијание и финансирани надворешно од Брисел. Само некои од нив се сметаат за успешни, што укажува на фактот дека регионалната безбедносна соработка остануваат елитно прашање.

Тестот на заеднички идентитет

Да бидеме реални: регионот на многу начини сè уште е претежно (погрешно) разбран и (погрешно) третиран и меѓународно се нарекува „бурето барут на Европа“, етикетиран на многу стереотипен начин, како што неодамна Хехир презентираше во своето дело. Ова не се гледа само во академските редови, туку главно во популарниот дискурс каде Западен Балкан е претставен како синоним за бесконечен неред и хаос, што ги одразува, според зборовите на Хехир, колонијалните дискурси и размислата за потребата регионот наводно да се „цивилизира“ (од Европа, одн. ЕУ).

Во тој поглед, не е ни чудо што има многу малку (политичка) волја кај елитите да се самоидентификуваат дека потекнуваат/се дел од тој конкретен регион, што резултира во сериозен недостаток на заеднички регионален идентитет во политичка и безбедносна смисла. На пример, Конеска пишуваше за ова конкретно прашање пред 14 години, укажувајќи на тоа дека споменатиот проблем во суштина го спречува Западниот Балкан да воспостави позначајна рамка за регионална соработка за безбедност. Таа спомена неколку проблеми слични на оние за кои дискутираше Хехир, истакнувајќи го фактот дека негативните конотации за регионот во тоа време веќе станаа дел од политичкиот и популарниот дискурс.

Непосакуваната етикета да се биде/да се припаѓа на Западниот Балкан е дополнително предизвикана од 90-тите години на минатиот век, со југословенските војни поттикнати од националистичката агенда што дури и ден денес ја повторуваат одредени елити и нивните водачи. Ова е причината што Емини и Марку во нивниот текст дискутираа за „недостатокот на доверба меѓу земјите што делат минато во кое имало конфликти“, сугерирајќи дека тоа е голема пречка кон поразвиена и значајна безбедносна соработка во регионот.

Kako Balkanot da ja otstrani etiketata bure barut na EvropaИзвор: euobserver.com

Земајќи ги предвид проблемите со територијална дефиниција и право на државјанство и спорната државност (како во случајот на Косово) кои произлегуваат од националистичкото минато и сè уште ги комплицираат односите во регионот, со право би се рекло дека прашањето за постигнување/постоење заеднички регионален идентитет е прилично проблематично. Неколку начини како да се пристапи кон ова конкретно прашање, што ми паѓаат на ум се, на пример, развивање доверба помеѓу политичките елити во регионот и, од друга страна, инвестирање во политички и социјални наративи кои го поддржуваат развивањето позитивни идеи и слики за регионот, наместо регионот да остане заробеник на дневната политика каде што се реплицираат и злоупотребуваат клишеа и баналности за Балканот (искрено кажано, многу од нив создадени во самиот регион) за да се освојат евтини политички поени во домашната политика. Подеднакво важно е и граѓанското општество да биде вклучено во ова прашање.

Како до напредок?

Тешко е да се замисли да се оди напред кон заеднички регионален идентитет без елитите кои ги водат овие држави да стекнат меѓусебна доверба. Да се ​​развие доверба значи, пред сè, да се развие свеста дека постојат безбедносни проблеми што се заеднички со соседите. Покрај ова, за да се стекне доверба потребно е да се направи дополнителен чекор, а тоа е потребата да се решат итните проблеми поврзани со безбедност, главно поврзани со етничка нетолеранција, екстремизам, организиран криминал и тероризам. Откако ќе се заврши со овој чекор и кога ќе се одржува безбедносна соработка по овие прашања, ќе се постигне и доверба што ќе се пренесе и во процесот на развивање и проширување на таа соработка. Горенаведениве причини за загриженост не се однесуваат само на проблеми што постојат во и што потекнуваат од регионот туку и на оние што се заеднички со Унијата.

На пример, гореспоменатата миграциска криза, како и оружјето што потекнува од Западен Балкан, што било шверцувано и користено во терористички напади во Европа, ја откриваат потребата да се решат овие безбедносни проблеми кои се далеку пошироки од државните граници. Ова е начин да се направи регионот побезбеден, дозволувајќи му да стане област на стабилност што им овозможува на сите држави во регионот да учествуваат. Освен тоа, потребно е да се инвестира во политички и социјални наративи кои поддржуваат развој на позитивни идеи и слики за регионот што елитите во регионот треба да ги унапредуваат наместо да го прават токму спротивното со залагање за агенди што се исклучувачки (и сегрегационистички) по етнички, религиозни, па дури и социјални основи. Ова е единствениот начин за успешно справување со големите (регионални безбедносни) проблеми, како што се тероризам, криумчарење, организиран криминал и корупција и многу други.

Обезбедување место на одлучувачката маса за НВО и ГО

Обезбедување место на одлучувачката маса за невладините организации (НВО) и граѓанските организации (ГО), коишто досега беа претежно исклучени од регионалната безбедносна соработка, е трет чекор во оваа насока. Невладините организации и граѓанските организации треба да бидат партнери во овој поглед, со тоа што нивната улога е клучна во креирање посеопфатна рамка за безбедносна соработка (а со тоа и помалку зависна од вообичаената рутина на елитите кои „сакаат/не сакаат да соработуваат“). Ова не само што ќе ја направи рамката за безбедносна соработка повеќе холистичка, туку ќе ја направи и поширока и поцврста, за поуспешно решавање на современите безбедносни прашања.

Овој чекор ќе овозможи да се изгради база кон развивање заеднички регионален идентитет кој, доколку не се создаде, многу веројатно ќе продолжи значително да ја кочи регионалната безбедносна соработка, со што ќе се загрози целокупната демократизација на регионот. Во тој поглед, постои потреба регионот да започне истовремено да се идентификува себеси во позитивна смисла и да се поистоветува со Европа.

Кога велам „да се идентификува“, мислам на вложување дополнителни напори во исполнување на заедничките безбедносни критериуми, а со тоа приближувајќи се кон усвојување на вредностите на Европската унија во споменатиот процес. Ова навистина може да биде тешко во време кога и Унијата се соочува со реакции против либералните вредности во некоја од нејзините земји членки, но во секој случај е потребен услов за општа стабилизација на регионот.

Со оглед на тоа што Брисел е најголемиот донатор на Западниот Балкан, не само во однос на рамките за безбедносна соработка, регионот има единствена шанса да ја искористи оваа поддршка и да оди напред, градејќи база за заеднички идентитет, напуштајќи ги стереотипите од минатото за да создаде цврста основа за иднината.

Оттука, со решавање на заедничките безбедносни проблеми, државите во регионот ќе можат да ја тргнат клетвата на недоверба што повеќе од две децении ги спречува да имаат заеднички регионален идентитет, овозможувајќи им да создадат навистина нова слика за регионот во насока на стабилност и просперитет.

respublica.edu.mk

 
Сподели: