Колумна Текстови

КОЛУМНА: Георги АЈАНОВСКИ – Корените на груевизмот

Сподели:

Георги АЈАНОВСКИ – Корените на груевизмот

Нестрплива и желна за што побрзи промени и порешителна пресметка со носителите на Злото, впечаток е дека демократската јавност и нејзините политички предводници, како да ги ставиле на втор план одговорите и визиите за темелната општествена преобразба која не очекува. Паролите за слободна и демократска Македонија, за правда и граѓанска еднаквост, мора уште сега да бидат преточени во јасна и прецизна политичка платформа,  од која што под ниедни околности нема да се отстапи. Впрочем, и сржта на Шарената револуција, не е само промена и замена на власта, туку пред се` победа на македонскиот граѓанин и освојување на сопствената слобода и надежна иднина!

54

Станува се` поизвесно дека заминувањето на Никола Груевски од премиерската функција ќе биде неповратно. Дури и да победи ВМРО-ДПМНЕ на следните избори, оценка е на правните експерти, дека со оглед на извлечените сомненија за сторени повеќе тешки кривични дела, тој не ќе може повеќе да раководи со владиниот кабинет. Исто така ќе биде под големо прашање и неговото лидерско место во партијата, доколку во судски процес биде прогласен за виновен и осуден на затворска казна.

Иако постојат мислења дека Пржинскиот договор, поради силните опструкции на власта е западнат во ќорсокак, некои негови реализирани клаузули сепак овозможија значајни промени на македонската политичка сцена, од аспект на детронизацијата на тоталитарниот режим:  во зенитот на својата политичка моќ, Груевски беше принуден да се повлече од премиерската должност; претходно заминаа и тројца клучни државни и партиски функциоенри од неговиот најтесен раководен тим (министрите Јанкуловска и Јанакиевски, како и шефот на тајната полиција Мијалков), неговото инсистирање на брзи и нерегуларни избори, заради консолидирање на својата разнишана политичка позиција не се оствари, обидот преку општа аболиција од страна на шефот на државата да се спаси самиот и сите други учесници во тн. злосторничко-криминално здружување на највисоко државно ниво, не успеа, како што и најверојатно неуспешно ќе заврши намерата да се онеспособи и поништи функционирањето на Специјалното Јавно Обвинителство.

Со еден збор, во период од една година, самоволното владеење на груевистичката политичка елита, како резултат на објавата на опозициските бомбастични сведоштва и огромниот граѓански гнев што се излеа ширум македонските простори, доживеа жестоки потреси и удари од кои тешко може да се опорави. Деновите или месеците што претстојат треба само да ја потврдат неминовноста на дефинитивниот пораз на политичкиот авантуризам,  кој што македонската држава и општество ги држеше една деценија во смртна прегратка.

Прашањето што сега се поставува е: што по Груевски? Како по неговото заминување ќе се лекуваат метастазите на рак раните што груевизмот ни ги остави во наследство? Неговите корени се толку длабоко пуштени во сите пори на државата и општеството, што застрашува и самата помисла колку тешко и опасно ќе биде нивното искоренување. Очигледно, демократското реформирање на системот ќе бара многу време, труд  и енергија, но, и храброст да се дојде до посакуваната цел. Подготвени ли сме за еден таков подвиг?