Конференција: „Униформа, оклоп кој значи ранливост-нашата секојдневна борба на два фронта“

Сподели

 

Министерството за труд и социјална политика во рамките на кампањата „Гласни и храбри“ за родова еднаквост посветувајќи го месец март на менталното здравје и благосостојбата на жените како предуслов за родова еднаквост денеска организираше конференција на тема: „Униформа, оклоп кој значи ранливост – нашата секојдневна борба на два фронта“ во Факултетот за безбедност – Скопје.

 

 

Конференцијата се организира земјаќи го предвид значењето на жените во униформа како рамноправни чинители во безбедносниот систем и униформата ја носат со чест, достоинство и огромна одговорност. Овие жени се обучени, тренирани и ги спроведуваат своите обврски исто како и мажите, а тоа навистина е импресивно во секторот во кој доминантно се мажите и во општество во кое сеуште постојат стереотипи за машки и женски професии.

Министерката за труд и социјална политика, Јованка Тренчевска по тој повод  истакна дека, родовата еднаквост е од суштинско значење за искористување на потенцијалот на целото општество, а не само 50 отсто од него. Од херојството на жените борци во народно ослободителната борба за време на Втората светска војна, до првите жени војници во армијата и жените во полицијата, жените служат, се борат и придонесуваат за безбедноста и просперитетот на нашата држава.  

 

 

„Остварувањето на правата на жените се инструмент за економски раст и благосостојба, додека врската помеѓу зајакнувањето на жените и мирот и безбедноста е во сржта безбедноста агенда. Жените, припаднички на полициските служби се носители токму на овие промени за заштита од насилство врз жените и семејно насилство, бидејќи тие се оние кои први ги добиваат пријавените случаеви, први излегуваат на терен и обезбедуваат заштита за жените и во некои случаи и за нивните деца. Токму затоа и тие треба да се соодветно заштитени од насилство, вознемирување на работното место, дискриминација под однос на пол, сексистички коментари и вознемирување“, истакна министерката Тренчевска. 

„Долги години за жал владееја стереотипите дека безбедниот сектор, особено високите раководни позиции се резервирани исклучиво за мажите. Но, со нашата упорност, истрајност, мудрост успеавме тоа да го промениме”, рече министерката за одбрана Славјанка Петровска и изнесе податоци кои сведочат за зајакнувањето на положбата на жените во одбраната во последните неколку години.

 

 

„Во 2012 година, процентот на застапеност на жените во униформа бил 5,7 отсто, додека денес имаме скок на 10,8 отсто застапеност. Висок раст бележи и процентот на жените офицерки кои во 2012 година биле само 9 отсто додека денес тој процент е двојно поголем.  Во 2012 само една жена била полковник, денес се седум. Во Министерството за одбрана, вкупната застапеност на жените е 47 отсто додека процентот од 48 отсто жени на раководни позиции е најголем во изминатите години”, рече Петровска. 

Таа додаде дека уште поважно е жените во Армијата и во Министерството за одбрана да бидат навистина добредојдени, односно не смеат да бидат омаловажувани, дискриминирани или пак да бидат попречувани во развојот на нивната кариера, само затоа што тие се жени.

„Сите вас ве повикувам секојдневно и заедно да ги рушиме стереотипите кои се актуелни и присутни како за жените, така и за мажите. Сите заедно да изградиме вредносен систем на еднаквост и заедно да придонесуваме кон безбедносните сектор, кој е инклузивен, регулиран ефективен и ефикасен затоа што верувам дека само тој е патот да обезбедиме и да придонесеме за современо и модерно општество за сите”, порача министерката за одбрана Славјанка Петровска.

Според министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски општеството се движи напред само со еманципирани, економски силни и самостални жени и девојки, а низ призмата на родовата еднаквост, вклучително и околу принципот на застапеност на жената во полицискиот систем на МВР, направен е објективен и проверлив прогрес.

 

 

„Од година во година се зголемува бројот на жени кои се на раководни позиции, не само во рамки на МВР, туку и во делот на работењето на Бирото за јавна безбедност – имаме колешки кои се раководителки на оддели, помошници директорки, началнички, командирки на полициски станици или на полициски одделенија. Денес можеме да се пофалиме со жени кои се вклучени во Одделот за специјални полициски операции, поточно во Единицата за брзо распоредување, Единицата за интервентна полиција, САЕ Тигар и Хеликоптерската единица, што порано не беше случај“, истакна Спасовски, додавајќи дека сите мерки и активности за континуирано подобрување на условите за работа во МВР придонесуваат за економска самостојност и социјална рамноправност.

 

 

„Факултетот за безбедност е горд што има можност да ги поздрави сите горди, храбри, достоинствени жени кои се силно вградени во безбедноста и безбедносниот систем на Северна Македонија, како и професорките и студентките на Факултетот кои се носители на развојот на високото образвание во областа на безбедноста и активно учествуваат во промовирањето на родовата еднаквост и еднаквите можности за сите. Токму ова се вистинските одлики на секое демократско општество, право и должност на секој поединец, но и можност за градење на квалитетни политики кои ќе го подигнат животниот стандард, професионалните компетенции и посветеноста на сите припадници на безбедносните институции“, истакна проф. д-р Никола Дујовски, декан на Факултетот за безбедност.