На денешниот протест во организација на иницијативата „Ниту една повеќе“, учество зедоа голем број граѓани и граѓанки со пораките „Кој ви даде право да нè убивате“, „Тагата е наша, вината е ваша“, „Мал престап жени убива, брат“.
Протестот беше против фемицидите, родово базираното насилство и институционалните пропусти во заштитата на жените.
Учесниците на протестот извикуваа „Сите за една, една за сите“, „Жени, живот, слобода“. Тие порачаа дека нема да престанат да бараат правда, како и одговорност од институциите.
На протестот се обрати и Бети Ангеловска, мајка на Емилија од Битола која упати јасна порака:
„Го молам министерот, го молам Јавното обвинителство, телефоните се земени на вештачење. Во нив има снимки, видеа, материјали, слики. Убаво да ги прегледаат телефоните, има внатре сешто да се види за наредната година наназад”, на која ќерка и била изложена на насилство подолг период. Таа упати апел до девојките и жените што се соочуваат со насилство да не молчат и да го пријават.


