Алтернативниот стрип-магазин „Тешка Машинерија“ со ново издание

Сподели:

Во петок, на 21 ноември 2026 година, со почеток во 19 часот, во „Цреша бар“ ќе се одржи официјалната промоција на четвртото издание на алтернативниот стрип-магазин „Тешка Машинерија“.

Ова е втора година како магазинот излегува од независни средства, бележејќи импресивен раст – од мал фанзин од 16 страници, првпат промовиран на Стрип-трип фестивалот во Скопје во 2025 година, па сè до денешното обемно издание од 72 страници.

Главните цели и задачи на „Тешка Машинерија“ остануваат посветената промоција и поддршка на млади стрип-автори, сценаристи, илустратори и рецензенти. Магазинот активно го поттикнува слободниот дух и фантастичниот израз преку приказни што истражуваат различни жанрови: научна фантастика, епска фантазија, хорор, еротика, комедија и други теми.

Во новото издание со свои дела се претставуваат Стрип-автори: Александар Танчевски – Танчо, Методија Стојановски, Тиа Василеска и Владимир Благојевиќ – Владодлак. Илустратори: Тијана Петковска – Тијанска, Ивана Атанасовска – Huespill, Александар Сидовски – Сидо и Јован Терзиоски – Јоки. Рецензија: Ивица Дукоски.

Сите љубители на уметноста, стрипот и алтернативната култура се покануваат да се придружат на промоцијата и да ја поддржат независната сцена!

Сподели: