Тошковски-Савески-Велковски: Итна реакција, засилена заштита на жртвите на семејно насилство

Сподели:

Министерот за внатрешни работи Панче Тошковски денеска учествуваше на работен состанок во Јавното обвинителство на Македонија, заедно со државниот јавен обвинител Ненад Савески и министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски, на кој беше договорено зајакнување на меѓуинституционалната координација и воспоставување механизми за итно и ефикасно постапување во случаите на семејно насилство.

Имајќи ги предвид сериозноста на оваа појава и загрижувачките трендови на семејното насилство, трите институции утврдија приоритетни активности насочени кон навремена превенција, заштита и згрижување на жртвите, како и поефикасно откривање и кривично гонење на сторителите.

Согласно договорениот начин на постапување, Министерството за внатрешни работи веднаш по приемот на пријава за семејно насилство ќе го известува надлежното јавно обвинителство, по што јавниот обвинител ќе организира и координира тим составен од полициски инспектори и стручни лица од центрите за социјална работа.

Во рамки на координираното постапување, ќе се обезбедуваат навремени вештачења и стручни мислења за евентуалните повреди, ќе се врши проценка на ризиците за жртвите и ќе се прибираат сите неопходни докази, со цел јавниот обвинител во најкраток можен рок да донесе одлука за кривично гонење на сторителите.

На состанокот беше договорено и воспоставување контакт-точки во сите три институции, односно определување одговорни лица кои ќе бидат постојано достапни за итна комуникација, координација и давање насоки за постапување. На овој начин ќе се овозможи примена на усогласени и стандардизирани процедури, со што ќе се избегнат непотребни одложувања и ќе се обезбеди побрза институционална реакција.

Министерството за внатрешни работи останува целосно посветено на бескомпромисна борба против семејното насилство, со посебен акцент на навременото препознавање на ризиците, спречувањето на повторно насилство и обезбедувањето ефикасна заштита на жртвите.

Со договорените мерки се зајакнува заедничкото постапување на полицијата, обвинителството и центрите за социјална работа, со цел секоја пријава за семејно насилство да добие брз, координиран и професионален институционален одговор, а сторителите навремено да бидат изведени пред лицето на правдата.

Сподели: