Вести Свет Ударни вести

Конгресот усвои резолуција за отповикување на Доналд Трамп

Сподели:

 

Претставничкиот дом на американскиот Конгрес усвои резолуција со која се бара разрешување на Доналд Трамп, пренесува МИА.

Резолуцијата го повикува потпретседателот Мајк Пенс да поведе постапка предвидена со 25-от амандман на американскиот Устав, за претседателот Доналд Трамп да биде ослободен од должностите, пренесуваат агенциите.

Резолуцијата е усвоена со 223 гласа „за“ и 205 „против“.

Отстранувањето на претседателот, според 25-от амандман, подразбира дека потпретседателот и мнозинството членови на кабинетот на претседателот изјавуваат дека претседателот не е способен да ја извршува својата уставна должност.

Потпретседателот Мајк Пенс сега има рок од 24 часа да каже дали е подготвен да постапи според усвоената резолуција.

Меѓутоа, пред гласањето, тој и соопшти на спикерката на Претставничкиот дом, Ненси Пелоси, дека се спротивставува на активирање на 25-от амандман.

– Не верувам дека ваквиот потег е во најдобар интерес на нашата нација, ниту дека е во согласност со нашиот Устав – напиша  Пенс во писмото што неговиот кабинет го испрати до Пелоси.

Потпретседателот на САД смета дека енергијата на сегашната администрација е насочена кон обезбедување на уреден трансфер на власта и тој апелираше до неа и до другите членови на Конгресот да избегнуваат потези што „дополнително ќе ги поделат граѓаните и ќе ги разгорат страстите“.

.Доколку Претставничкиот дом го отповика Доналд Трамп, тој ќе стане единствениот американски претседател кому ова му се случило двапати во текот на неговиот мандат.

 

Сподели: