ЛДП: Промоцијата на апликацијата „м.Услуги“ е дигитална фарса – вратете ги парите!

Сподели:

Кога лажниот ПР-театар ќе се судири со реалноста, остануваат само празни апликации и признанието дека за сè ќе ви треба „најмалку цела година“.

Откако премиерот гламурозно ја промовираше апликацијата „м.Услуги“ и помпезно се фалеше со над 20.000 симнувања, со што им продаваше лажна надеж на граѓаните дека конечно го купуваат своето слободно време, следеше ладнокрвно отрезнување од ресорот за дигитализација.

Истите оние функционери кои нè убедуваа во дигитална револуција, сега ладнокрвно соопштуваат дека ќе им треба цела година за да се изменат сите закони и прописи за тие дигитални документи воопшто да станат валидни на терен.

Зошто го зафркавате народот и зошто свесно го лажете со измислени паралелни реалности само за евтини политички поени? Кога се прават скапи промотивни фешти, пари и камери има во изобилство, но кога треба да се одговара за апсолутната институционална неподготвеност, се нудат празни изговори. Граѓаните масовно ја симнуваа апликацијата верувајќи во владините лаги, за на крај да сфатат дека при обична полициска контрола сепак мора да ја носат пластичната лична карта во џеб. Ова е врв на политичко аматерство и навреда за интелигенцијата на секој човек кој поштено работи и ги издржува овие институции, реагираат од ЛДП.

Либерално-демократската партија (ЛДП) бара итна и конкретна одговорност за оваа пропагандна фарса. Бараме десетиците или стотиците илјади евра потрошени за овој лажен дигитален циркус веднаш да бидат рефундирани од партискиот буџет директно во државната каса. Народот нема намера од сопствениот скршен денар да ги финансира вашите маркетиншки глупости, празни QR-кодови и неуспешни обиди за перење на неспособноста.

Државата не е приватна играчка за забава на властодршците, а институциите не смеат да бидат министерства за чист ПР и лажни ветувања. Или направете функционален систем кој вистински работи и испорачува резултати, или вратете ги парите и поднесете оставки за секој излажан граѓанин во оваа држава!

Сподели: