Матичните лекари денеска на протест, ќе примаат само итни случаи

Сподели

 

Матичните лекарите денеска ќе протестираат и ќе примаат само пациенти на кои им е неопходна итна помош, a за останатите „мој термин“ нема да функционира. Тие се незадоволни поради неисполнетите барања околу малата капитација и финансиските шокови кои можат да доведат до затворање на амбулантите. Со оваа цена на капитацијата по пациент, не можат да издржат да ги покријат своите трошоци, изјави д-р Лилјана Чолакова-Дервишова, претседател на Здружението на приватни матични лекари.

„Ова е протест на лекарите од малите населени места и амбулантите со мал број пациенти, кои се соочуваат со можност за затворање, бидејќи со постојната капитација не можат да преживеат. Овој протест е поради низа причини со кои се среќаваме на работа. Со овие средства треба да платите медицинска сестра со минимална плата од 18.000 денари, како и да ја платите повисоката сметка за струја. Има колеги во помали места каде што бројот на пациенти се намалува и се соочуваат со можност да ги затворат амбулантите. Здружението е на сите приватни лекари и затоа го правиме овој протест“, вели  Дервишова.

– Бараме да се разговара за овие наши барања бидејќи во состојба на севкупно покачување на цените не можеме да ги исплатиме ни најосновните трошоци – вели Чолакова-Дервишова.

За денеска е закажана средба со заменикот-министерот за здравство, д-р Рендевски.