Вести Македонија Топ теми

МОГЕРИНИ– ХАН: Да се врати земјата на својот пат кон европската интеграција, процес кој граѓаните јасно го сакаат и го заслужуваат!

Сподели:

Високата претставничка за надворешна и за безбедносна политика на Европската Унија, Федерика Могерини, и еврокомесарот за преговори за проширување, Јоханес Хан, утринава со заедничко соопштение го честитаа изборот на новата влада на Република Македонија.

„Го поздравуваме гласањето за новата влада предводена од премиерот Зоран Заев. Европската Унија е подготвена да ја поддржи работата на новата влада, но и на опозицијата, за конструктивно да се имплементираат сите делови од Договорот од Пржино и реформските приоритети“, стои во соопштението.

Могерини и Хан ги повикаа парламентарните партии да ги стават настрана поделбите и да се посветат на подготвувањето и на спроведувањето на заедничка реформска агенда која ќе биде од корист на земјата во целост.

„Ова е, исто така, од суштинско значење за да се врати земјата на својот пат кон европската интеграција, процес кој граѓаните јасно го сакаат и го заслужуваат“, се вели во соопштението.

Сподели: