Вести Македонија Ударни вести

Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2020-2024 со акционен план за нејзино спроведување предадена во Собранието

Сподели:

 

Националната стратегија за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2020-2024 година влезе во собраниска процедура. Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК), предводена од претседателката Билјана Ивановска, му ја предаде Стратегијата за спречување на корупцијата и судир на интереси 2020-2024 на претседателот на Собранието Талат Џафери, донесена на седница на ДКСК на 17.01.2020.

На средбата со претседателот на Собранието Џафери, на која тој беше подетално запознаен со целите и задачите на овој значаен документ, претседателката Ивановска изјави:

Цврсто веруваме дека борбата против корупцијата и судирот на интересите е возможна само доколку се создаде широка општествена коалиција од низа институции, граѓански организации и невладиниот сектор. Поддршката и заедничките заложби за подобрување на состојбите во оваа област се единствен начин што ќе доведе до подобрување на состојбите во нашето општество и враќање на довербата во институциите. Искрено, сметаме дека Стратегијата, откако ќе биде донесена во Собранието ќе биде добра основа за постигнување на оваа цел“.

Претседателот на Собранието Џафери ѝ даде поддршка на Стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Во следниот период откако ќе ги помине сите фази согласно постапката овој значаен документ треба да биде ставен на гласање пред пратениците. Гласањето се очекува  да се случи на почетокот на февруари.

Стратегијата за борба против корупцијата и судирот на интереси предвидува мерки за сузбивање на корупцијата во повеќе области, како што се јавните набавки, вработувањата, политичкиот систем, правосудството, органите за спроведување на законот, здравство, образование, труд и социјална политика, урбанизам и просторно планирање, животна средина, спорт, економија и бизнис, јавни претпријатија и акционерски друштва во сопственост на државата и локалната самоуправа и медиумите и граѓанското општество.

Инаку, ДКСК на својата денешна седница ја изгласа финалната верзија на Стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси 2020-2024 година. ДКСК работеше на изготвување на овој документ согласно Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Процесот беше поддржан од УСАИД, а за изготвување на Стратегијата беше формирана и работна група составена од претставници на релевантни институции, приватниот и граѓанскиот сектор, медиуми и експерти од повеќе области. Во рамките на овој процес беа одржани повеќе работилници и консултативни состаноци по што беше изготвена нацрт верзијата на Стратегијата за спречување на корупцијата и судирот на интереси. Истата беше ставена на јавен увид во периодот од 27.12.2019 година до 08.01.2020 година со можност сите заинтересирани страни да дадат свои коментари, кои беа земени предвид при изготвување на финалната верзија на овој значаен документ.

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Сподели: