Алтернатива Скопје Чита

“НЕЈЗИНИОТ СОН” – Една на Мајка

536786_358707414191092_539717025_n

“НЕЈЗИНИОТ СОН”

Се стркала низ покосеното сено и му го дофрли венчето од врбови гранчиња. Тој ја стави на главата како круна, а на неа и го стави цветното ѓерданче од камилица. “Дали сега сме само НАШИ и НИЧИИ?” Праша таа љубопитно. Тој не умееше со зборовите, но одлично му прилегаа насмевките. Таа го “прочита” и беше задоволна. Небесниот син свод го прекрија облаци. Бели како нејзините јадри гради, облини, кои веќе навестуваа девојка во неа. Заврна летен дожд. Побегнаа низ полето заборавајќи ги врбовата круна и ѓерданот од камилица. “Ќе ти направам друг” – и рече. Тоа беше последното што го беше чула од него. Големиот град. Тоа лето дојде автомобил за кој знаеше само дека е црна боја. Вратите сами се отворија и…таа влезе босонога на предното седиште. Зачудена, збунета и фасцинирана. Да! Ќе оди во Големиот Град. Отиде. Тој ја гледаше кришум од зад плевната и го стискаше врзопот камилица. И вети ѓердан. Заминаа! Таа и некој непознат во црната лимузина.

Минаа години. Се врати. Убава, поубава..но не и босонога. Косата со боја на сено и ги покриваше тажните очи кои талкаа некаде по полето. Бараа нешто. Врбови гранки, можеби? Тажни беа врбите, но не беше време за нив. Тој се појави од нигде никаде и ги тргна прамените коса од нејзините очи. Се насмевна и…и го стави на вратот оној ветен ѓердан од камилица. Овенат, но сеуште опојно мирисаше. Таа, по толку време ја почувствува вистинската земја под своите нозе.

Една на Мајка

Сподели: