Никој не побарал одложување на утрешното судење на Груевски за случајот „шамари“

Сподели

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешен премиер, Никола Груевски, и ексминистерот за транспорт и врски, Миле Јанакиески, утре треба да седнат на обвинителна клупа за насилствата пред Општина Центар од 2013 година, а како што потврдуваат за „Мета“ и од Кривичниот суд во Скопје и од одбраната на дел од обвинетите, досега ниту една од странките не побарала одложување на рочиштето.

„Досега не е пристигнато никакво барање за одложување на рочиштето“, ни изјавија денеска од Кривчниот суд.

Првично, почетокот на судскиот процес против Груевски и Јанакиески и уште 12 лица, по обвинение на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), беше закажан за 21 ноември, но судот го одложи на барање на адвокатот на ексминистерот за транспорт и врски, Никола Додевски, кој преку писмен допис, четири дена пред рочиштето, го информираше судот дека е спречен да присуствува поради настан на кој бил поканет пред да ја добие поканата за закажаната главна расправа.

Додевски денеска за „Мета“ рече дека за утрешното рочиштето тој не побарал повторно одложување.

– Од наша страна не сме барале одложување на рочиштето. Минатиот пат, како што и самите сте запознаени, барањето за одложување беше од објективни причини, но за утре ниту јас, ниту другите во постапката, како што ми е познато, не сме побарале такво нешто – вели Додевски.

Специјалното јавно обвинителство обвинeнието за насилствата пред Општина Центар од 2013 година до судот го поднесе на 15 септември годинава. Станува збор за едно од првите две обвиненија што СЈО ги поднесе од почетокот на својата работа. Второто се однесува на уништувањето на документацијата поврзана со опремата од незаконското прислушување, во кое првообвинет е поранешниот началник на петтата управа, Горан Грујовски.

Случајот против Груевски и Јанакиески го доби судијката Татјана Михајлова, која Судскиот совет на 5 декември ја избра да ја врши функцијата в.д. претседател на Основниот суд Скопје 1, до изборот на претседател на најголемиот и најважниот суд во државата, што беше одложен поради одржувањето на предвремените парламентарни избори на 11 декември.