Алтернатива Настани

Омаж за Омер Калеши во Чифте амам

Сподели:

 

Омаж за Омер Калеши (1932, с.Србица, Кичевско – 16.4.2022, Истанбул, Турција)
 
Националната галерија организира омаж за почитуваниот и ценет сликар Омер Калеши, кој почина во април годинава, по подолго боледување. Изложбата во негова чест, ќе биде отворена во Чифте амам, на 16-ти јуни 2022, во 12 часот. Изложбата се организира во соработка со Универзитетот „Мајка Тереза“-Скопје и членови од семејството на Омер Калеши.
На отворањето на изложбата за личноста и творештвото на Омер Калеши ќе одржи поздравен говор директорката на Национална галерија – д-р Дита Старова Ќерими.
Омер Калеши е роден во Македонија, емигриран во Турција, каде што завршил Ликовна академија, од 1965 година со постојано место на живеење во Париз, беше исклучително позитивен пример за духовен свет врзан за вредностите на Балканот, човек кој ја бранеше и со посебна инспирација и љубов ја доловуваше убавината на балканската цивилизација и сите културолошки испреплетувања наспроти наметнатата психологија на подвојување и разединување.
Големиот маестро Калеши се одликуваше со космополитски дух. Во неговиот творечки опус до крајот на животот останува доследен на своите корени, при што главниот фокус е насочен кон човечкиот лик, нагласувајќи ја главата, како симбол на неговиот дух. Тој низ своето творештво обединува три балкански земји, кои всушност се и негови татковини: Македонија, Албанија и Турција. Во неговата богата биографија имал повеќе самостојни изложби во Истанбул, Белград, Скопје, Битола, Хаг, Приштина, Париз, Флавињи, Анкара, Кан. Неговото творештво посебно го ценеле Жак Лакариер, Јордан Плевнеш, академик Луан Старова, Исмаил Кадаре и др.
Во 2018 година е избран за почесен член на Македонската академија на науките и уметностите и истата година е добитник на државната награда „Мајка Тереза“.
Дел од неговото културно наследство се галериите со неговото име во УМТ, Универзитетот Илирија во Приштина, Националната галерија на Македонија, Галериите во Турција во Бурса и во Тирана.
Центарот за култура „Кочо Рацин“ од Кичево, планира да отвори галерија- музеј со дела од Омер Калеши.
На изложбата ќе бидат прикажани 30ина негови дела во техника масло на платно. Истата ќе може да се погледне до крајот на месецот.
Национална галерија на Република Северна Македонија
 
Сподели: