Алтернатива Настани

Патувачко кино на „МакеДокс“ од 25 јуни

Сподели:

 

Магаренцето на МакеДокс годинава ќе си киниса кроце по главната артерија која го обединува истокот. Ќе мине низ бои и мириси на Брегалничкиот слив кои ги опиваат сите сетила, низ старите буки кои уживаат во бесконечната симфонија на шумот од водопадите синхронизиран со птиците, најавуваат од патувачкото кино на „МакеДокс“.
 
Магаренцето ќе го започне своето патешествие во грлото на изгаснатиот вулкан забележан и во Хомеровата „Илијада“, полецка по средновековните мостови меѓу кулите ќе го распне платното за првата проекција под ѕвездите. Ќе помине и до најстарата неолитска населба кај Славе Македонски, но и до населеното место во „каменестото корито“ кое е прогласено за град од скоро, во новиов милениеум. Магаренцето ќе раскажува приказни, но и ќе збира, стари и нови, како онаа за печалбарот Кочо кој го шверцувал белото злато во утробата на гуски.
 
Размена на приказни под ѕвездите во Осоговието, трпеза од шумски боровинки и капини, дружби со мирис од мајчина душица и кантарион каде можеби ќе ни се вкрстат патиштата и со некоја срна или муфлон.
 
Проекциите започнуваат во 21 ч.
25.06.2021 – Кратово
26.06.2021 – с. Шлегово
02-03.07.2021 – Штип
09.07.2021 – с. Оризари
10.07.2021 – Кочани
03.09.2021 – Виница
04.09.2021 – Пекљани
 
Патувачкото кино на МакеДокс 2021 е поддржано од Агенцијата за филм на Република Северна Македонија, Општина Кратово, Општина Кочани, Општина Штип, Општина Кочнаи, Општина Виница и Центарот за развој на источен плански регион.
Сподели: