Под мотото „На прво светло“, вечер во киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар (МКЦ) во Скопје ќе започне единаесеттото издание на Меѓународниот филмски фестивал „Киненова“. Фестивалот свечено ќе биде отворен со новиот филм на Мирослав Терзиќ, „Три недели подоцна“.
Главната фестивалска програма на 11. издание на „Киненова“ оваа година носи шест исклучителни дела на светската кинематографија, кои, според организаторите, долго време ќе предизвикуваат дискусии и прашања за актуелните приказни и теми што ги обработуваат.
Годинашен лауреат е турскиот сценарист и режисер Емин Алпер, кој е и претседател на жирито заедно со Александра Максимовиќ од Хрватска и македонскиот режисер Гоце Цветановски.
Во главната конкуренција се шест филма, а во селекцијата за дебитанти се четири први кратки филма на македонски режисери. Во рамките на фестивалот ќе се одржат и работилници на 5, 6 и 7 октомври под менторство на режисерката Марија Џиџева.
Фестивалот „Киненова“ е поддржан од Агенцијата за филм на РСМ и од Општина Кисела Вода.


