Потребен е целосен пристапен влез во јавни институции за лицата со посебни потреби

Сподели

Од вкупно 77 јавни институции во Македонија, 20 јавни институции немаат овозможен пристап за лицата со посебни потреби до првиот кат, додека пак 64 јавни институции немаат овозможен пристап до вториот кат за лица кои се движат со помош на инвалидска количка.

Ова го покажуваат податоците од аналитичкото истражување во рамки на проектот „Градење на капацитети на организации за помош на лица со посебни потреби во Македонија” спроведено од Фондацијата за одржлив економски развој “ПРЕДА Плус” во соработка со Здружението на студенти и младинци со хендикеп (ЗСМХ), кои воедно повикуваат на свесност и акција кон подобро..

Потребно е за лицата со посебни потреби да се обезбеди непречен пристап и движење до и во објекти како што се: образовни институции, здравствени установи, државни установи, станбени објекти, спортски и културни установи, согласно правното уредување кое потврдува дека секоја држава е облигаторна да ги прилагоди архитектонските барање според потребите и претходно утврдените стандарди и правила за обезбедување што поголема пристапност на граѓаните до јавните објекти.

Архитектонска пристапност, се наведува, подразбира целосен пристапен влез и рампа, пространа површина во јавните установи за движење со количка, лифт за пристапност до вториот кат, овозможен паркинг простор наменет за лица со посебни потреби обележан со соодветна хоризонтална и вертикална сигнализација, тактилни патеки и звучни семафори за лица со оштетување на видот и соодветно осветлување во јавните установи за лица со оштетен слух.