Промоција на публикација и разговор со авторот Душан Перчинков, МСУ Скопје 1 октомври, во 12 часот
Уметноста, како одраз на материјалните, духовните и културните процеси во едно општество, често се обликува преку индивидуални визии и исклучителни творечки практики што оставаат траен белег.
Во историјата на македонската модерна и современа уметност и култура, ретки се вистински значајните и цврсти столбови што носат суштинска улога и сè уште претставуваат инспирација. Исклучително мал е број автори успеале длабоко да се вградат во динамичниот развој на една културна средина што стремела кон духовно и естетско издигнување. Уште поретки се оние чие творечко искуство и ликовна практика оставиле видлива трага што го осветлува контекстот на настанувањето на нивните дела, ја открива свеста за историската перспектива и покажува дека нивните достигнувања не се плод на случајност, туку на јасна визија и упорна работа.
Во тој тесен, но исклучително вреден круг на посветени и храбри индивидуи, кои преку своето творештво се впуштиле во бескомпромисна потрага по уметнички врвови и ја обележале втората половина од дваесеттиот век, посебно место му припаѓа на Душан Перчинков — ликовен уметник и педагог со длабок и влијателен творечки опус.
Оваа книга насловена „ ПРОЦЕСИ ЗАД УМЕТНИЧКОТО ДЕЛО“ претставува значаен придонес во разбирањето на неговата мисла и практика. Во неа се собрани повеќе авторски текстови на Перчинков, кои се занимаваат со клучни теми и прашања што го засегаат процесот на творештвото — односот меѓу уметноста и политиката, уметноста сфатена како истражување, како саморефлексија и себепрепознавање, па сè до убавината на самиот чин на создавање. Некои од овие текстови се претходно објавени, но за оваа пригода се ревидирани и повторно претставени во нов контекст.
Дополнително, вклучени се и пет поетски текстови што досега не биле објавени и биле познати само на тесен круг пријатели и колеги. Веруваме дека токму тие нудат поцеловит и подлабок увид во севкупната уметничка визија на Перчинков.
Како заокружување на овој избор, во книгата е вклучен и дел од неговиот „Имагинарен музеј“ – збир од дваесет и две репродукции на лична документација што опфаќа дела од старите мајстори, како и од модерни и современи творци. Во време на брзи и често површни промени, Перчинков нè потсетува на важноста од доследност, саморефлексија и постојано стремење кон длабочина – вредности што остануваат актуелни и денес.
Уредници на изданието: Владимир Јанчевски и Благоја Варошанец
Техничко подготовка: Владимир Јанчевски и Љупчо Иљовски
Дизајн и подготовка за печат: Илиана Петрушевска


