Алтернатива Настани

Здружението „Мозочен удар“, во пограничните региони со проект: „КВАЛИТЕТНО ЗДРАВСТВО“

 

Здружението „Мозочен удар“, како  дел од проектот „КВАЛИТЕТНО ЗДРАВСТВО“, кофинансиран од ЕУ и националните фондови на земјите учеснички во програмата, активно работи на пoдобрувањето на квалитетот и пристапноста на здравствената заштита и социјалните услуги во пограничните региони.

 

 

Караванот на Здружението, одржува теренскаи активности во Југозападниот регион на Република Северна Македонија, населен со 221.651 жители, а за кои се грижат само 7 невролози, и без, ниту еден, специјализиран оддел за превенција и третман на Мозочен удар.

Здружението „Мозочен удар“, со реализација на овој  меѓуграничен проект, ја започна во април минатата година. Во проектот ќе се третираат проблеми кои се однесуваат на прашањата поврзани со здравјето и социјалната заштита.

 

 

До сега се посетени четири градови, а последната активност беше во Македонски Брод, најмалиот град во земјата, со само 3. 740 жители и само еден лекар.

Повеќе од 50 жители на градот и околните села, го посетија медицинскиот пункт, при што беа прегледани од лекарите во тимот и им беше предочен индивидуалниот ризик од мозочен удар. Притоа, медицинскиот тим ја достигна бројката од над 150 прегледи и индивидуални консултации од почетокот на проектот.

Утре, 10. Ноември, на ред е  Општина Жупа.

 

 

-“Поаѓајки од фактот дена  повеќе од 80% од мозочните удари, може да се превенираат, со овој проект креиравме активности кои ќе не приближат до целта. А тоа е, подобрување на системот на здравствена и социјална заштита во јавниот сектор, за луѓето во прекуграничната област. Во деветте општини од регионот, се реализираат исто толку предавања, базирани на докази и статистички показатели и адаптирани за јавноста. Населението има можност за индивидуални консултации со специјалисти на терен. А дистрибуираме едукативни материјали: флаери и брошура посветени на превенцијата на мозочниот удар. На терен се реализираат превентивни прегледи, со цел откривање на модифицирачките ризик фактори за мозочен удар: крвен притисок, срцева функција, шеќер и масти во крв”, вели д-р Маја Божиновска – Смичевска.

Истовремено на теренот се собираат податоци, во однос на запознаеноста на населението со ризик факторите за мозочен удар и можностите за справување со истите. Се врши, анализа на ефикасноста на начинот на едукација на населението преку спроведување на дополнителни анкети после дадено време од едукативните активности, како и анализа на ризикот за мозочен удар и застапеноста на  ризик факторите кај населението. Екипите помагаат и во набавувањето на медицинска опрема и специјализирано медицинско возило.

Главната цел, појаснуваат организаторите е да се  подобри моменталната статистика на локално ниво.

Инаку, мозочниот удар е втора најчеста причина за смрт во Европа, фатален во една третина од случаите, најчеста причина е за инвалидитет, најмалку една половина од преживеаните од мозочен удар се перманентно онеспособени. Мозочниот удар може да се превенира, но информираноста на јавноста за тоа како да се намали ризикот е недоволна.

Сподели: