Скопје денеска доби градски воз, со што се отвора ново поглавје во развојот и модернизацијата на јавниот превоз во главниот град.
Градскиот воз на релацијата Транспортен центар Скопје – Зелениково, во должина од околу 25 километри, е пуштен во употреба во присуство на претседателот на Владата Христијан Мицкоски, заменик-претседателот на Владата и министер за транспорт Александар Николоски и градоначалникот на Скопје.
Со целосната рехабилитација на железничката пруга, граѓаните добиваат побрз, побезбеден и поефикасен начин на патување. Од Зелениково до Скопје ќе се стигнува за околу 20 минути, што значително ќе придонесе за намалување на сообраќајниот метеж и за поголема мобилност на граѓаните.
Во рамки на проектот е извршена темелна модернизација на пругата. Стариот колосек е демонтиран, дотраените дрвени прагови се заменети со нови бетонски, а колосекот е машински подбиен и регулиран со современа механизација.
Од Град Скопје посочуваат дека целта е железничкиот и автобускиот превоз да функционираат како интегриран систем. Синхронизирањето на возните редови треба да овозможи полесно и побрзо поврзување на различните делови од градот и околината.
Градскиот воз е само еден дел од поширокиот план за модернизација на јавниот превоз во Скопје.
Завршена е постапката за набавка на 100 нови градски автобуси, а нивната испорака следува во периодот што претстои. Со новите автобуси ќе се обнови возниот парк и ќе се подобрат условите за патување на скопјани.
Паралелно, подготовките за БРТ-системот се во завршна фаза, со што Скопје треба да добие уште еден современ и ефикасен столб на јавниот транспорт.Ова се проектите кои треба да го трансформираат јавниот превоз и да создадат поврзано, модерно, функционално и одржливо Скопје, со помалку сообраќаен метеж, почист воздух и поквалитетен живот за граѓаните.
фото Град Скопје


