Скопско Кале добива нови музејски содржини

Сподели:

Претседателот на Владата проф. д-р Христијан Мицкоски изврши увид во завршните работи на објектите на Скопското Кале, кои во иднина ќе прераснат во Музеј на праисторијата и Музеј на османлиското наследство.

Директорката на Управата за заштита на културното наследство Весела Честоева ги презентираше објектите и завршувањето на  градежните активности што институцијата ги спроведуваше во изминатата година и половина.

Директорката на Националниот археолошки музеј, м-р Магдалена Манаскова, ги претстави концепциите за постојаните музејски поставки. Преку оригинални археолошки предмети, документација и интерактивни содржини, тие ќе ги презентираат резултатите од истражувањата на Калето и животот во неговите праисториски и османлиски населби.

Досега се подготвени концепциите, креиран е визуелен идентитет за музеите и набавени се таблети и уреди за виртуелна реалност. Следува деталната разработка и реализација на изложбените и дигиталните содржини, со цел создавање квалитетни и достапни поставки за посетителите.

Претседателот на Владата најави владина поддршка за целосно уредување и ставање во функција на Скопското Кале како значаен дел од програмата за Скопје – Европска престолнина на културата 2028.

Со реализацијата на музеите, граѓаните и посетителите ќе добијат можност да го запознаат богатото археолошко наследство на Калето токму на просторот каде што е откриено.

Сподели: