На 5 септември, од 10 часот, на просторот од поранешната касарна во Охрид, пред Спомен паркот посветен на генерал Михајло Апостолски, со пригодна свеченост во организација на асоцијацијата на ветераните од одбраната и заштитата од Охрид, ќе биде одбележана 82-та годишнина од формирањето на Шестата народноослободителна бригада, воедно и 33 –та годишнина од формирањето на Шестата пешадиска бригада на АРМ, како продолжувач на борбените традиции од пред 8 децении.
На овој значаен настан, кој се одржува пред новоподигнатата биста на народниот херој, прв командант на Главниот штаб на партизанките единици во антифашистичката и ослободителната војна, генерал Михајло Апостолски, најавено е учество на градоначалниците на Охрид, Кирил Пецаков, кој ќе се обрати пред присутните, односно Златко Сиљаноски на општина Дебрца, потоа високи старешини на АРМ, поранешни војници од составот на Шестата пешадиска бригада на АРМ, кои служеле воен рок во Охрид, претставници на СВР од Охрид, на Организацијата на Сојузот на борците – продолжувачи на традициите и други.
Ќе допатуваат и ветерани од одбраната и заштитата од Струга, Дебар, Ресен, Битола и Гостивар, кои своите активности ги спроведуваат како дел од Организацијата на ветераните од Охрид, инаку, со потврдени најзабележителни активности и резултати на републичко ниво.
Со сите нив, предвиден е посебен работен состанок, на кој ќе бидат сумирани резултатите од досегашната работа и набележани идните задачи, појаснува полковник Добре Вељаноски, претседател на Организацијата на ветераните од Охрид.
-Оваа активност е традиционална, се остварува секоја година. Целта е пред младките генерации да го истакнеме развојниот и борбен пат на Шестата пешадиска бригада, од судбоносните моменти во 1944 и завршните операции за ослободување на Западна Македонија, но и фактот дека денес борбените традиции ги продолжува Шестата пешадиска бригада на АРМ од гарнизонот во Охрид, појаснува полковник Вељаноски.
Заедничка делегација со членови од семејството на полковник Јосип Хајба, прв командант на единицата, негови тогашни војници и други ветерани, ќе положи цвеќе на вечното почивалиште на Градските гробишта.
Гостите ќе бидат во прилика да ја разгледаат Спомен собата на Шестата пешадиска бригада на АРМ во охридската поранешна касарна.
За сите присутни на прославата, организаторот подготвува културно уметничка програма со настап на фолклорен ансамбл, рецитал на учениците од ЦОУ “Кочо Рацин”, како и заеднички ручек кој, како општествено одговорна компанија, го донира “ТАМАРО” од Охрид.
Веле Митаноски


