ТАНЕЦ се подготвува за северноамериканска турнеја

Сподели

 

На почетокот на следната година, односно од 15 до 26 февруари, после 66 години од првата и 13 години од последната американска турнеја во 2009 година, Танец повторно ќе застане на северноамериканско тло и ќе одржи седум големи концерти во седум градови низ Канада и САД. Концертите ќе се одржат во престижни сали во Монтреал, Отава, Торонто, Детроит, Чикаго, Кливленд и Њујорк. Затоа, почнувајќи од денеска, па низ целиот период до нивното заминување во Канада и САД, очекувајте ексклузивни информации поврзани со гостувањата на Танец на овој континент, што веруваме ќе ви бидат интересни и ќе ве мотивираат да присуствувате макар на еден од најавените претстојни седум спектакли.
 
ТАНЕЦ НА ПРВАТА ТУРНЕЈА ВО СОЕДИНЕТИТЕ АМЕРИКАНСКИ ДРЖАВИ
 
 
 
 
Овој напис полн пофални зборови и објавен во престижниот весник Њујорк Тајмс, сведочи за еден од концертите на ансамблот Танец во престижната сала Карнеги Хол, на 27 јануари 1956 година. Овој настап на 40-мината играорци и музичари на Танец, кој за музичкиот критичар Џин Мартин од најпрестижното њујоршко гласило бил вистинска „радост и одушевување“, е само еден од 40-те концерти од првата турнеја во САД во 1956 година.
„Танец“ воедно бил и меѓу првите културни репрезенти на Југославија кои отпатувале во Соединетите Американски Држави и чиј ансамбл настапувал цели два месеца. Во тогашниот состав играле легендарните играорци од првата генерација како Радмила Вишинова, Милка Наумова, Станимир Вишински, Атанас Коларовски, Александар Сариевски, Цветко Мицевски, Јонче Христовски и др. На репертоарот била т.н. “Југословенска програма”, која вклучувала кореографии и музички обработки од народите и народностите на тогашната ФНРЈ, меѓу кои антологиските Невестинско и Тешкото, Копачката, Арамиско, Русалии, потоа Шопска петорка, Ќупурлика, но и Буњевачко момачко коло, Барањска хумореска и други српски, хрватски и неизоставните македонски ора.
 
Неодамна, на каналот Јутјуб се појави и видео снимка од еден од концертите на Танец во рамките на оваа прва американска турнеја од 1956 година, односно претставувањето во Денвер, документ што и денес се чува во библиотеката на Универзитетот на Калифорнија во Лос Анџелес (UCLA).