58. издание на Струшките вечери на поезијата

Сподели

 

Почна 58. издание на Струшките вечери на поезијата.

Фестивалот ќе трае до 26 август и во него ќе учествуваат 32 странски и 30 домашни поети, програмата има 52 настани, а покрај Струга како град-домаќин, каде ќе се одржат најголем дел од настаните, поетите во рамките на програмата „Поезија на пат“ ќе се претстават и во Охрид, Калишта, Куманово, Велес, Прилеп, Небрегово и Скопје.

Покрај добитничката на Златниот венец, познатата романска поетеса Ана Бландијана, како и добитничката на наградата „Мостови на Струга“, младата хрватска поетеса Моника Херцег, ќе присуствуваат над 30 странски поети од различни земји кои ќе бидат претставени на Фестивалот.

 

Меѓу нив и Рафаел Солер од Шпанија, истакнат шпански поет и раскажувач, Сачиданандан од Индија, еден од позначајните поети од Индија кој пишува и на малајаламски јазик, Миа Лекомт од Италија, поетеса којашто има и француско потекло, Иштван Кемењ од Унгарија,еден од најистакнатите современи унгарски поети,  Јоргос Јанопулос од Грција, поет кој е веќе делумно претставен пред македонската публика.  На Фестивалот ќе бидат претставени и домашни, реномираните поети од различни генерации, како и поетите што ќе влезат во потесниот избор за наградата „Браќа Миладиновци“.

 

Во рамки на Програмата на фестивалот, освен традиционално востановените програмски содржини кои што се препознатливо обележје на фестивалот, предвидени се и нови програмски содржини, соопштија организаторите. За да се зголеми видливоста и отвореноста на фестивалот, освен директниот пренос на главните фестивалски читања што ќе го врши националната телевизија, ќе биде обезбеден и „live streaming“ на официјален Јутјуб канал, за да може да се следи ширум светот.

Од Струшките вечери на поезијата посочуваат дека фестивалот има намера да ја подигне јазичната комуникација, па покрај македонски и англиски, ќе се користат албански и француски јазик. Од преведувачката работилница во рамки на следните изданија на Струшките вечери на поезијата пак се најавени преводи и на шпански, германски, руски, кинески и другите светски јазици.

„Струшките вечери на поезијата се светски, но и струшки! Тие се фестивал со кој стружани со право се гордеат и го поддржуваат. Токму затоа, подигањето на нивото на јазична комуникација е со првенствена цел да ја врати посетеноста на читањата на отворено, кои отсекогаш биле обележје на фестивалот. Поезијата и јазиците се цивилизациски средства за поврзување и за комуникација меѓу граѓаните и народите и придонесуваат кон мозаикот од различности кој го негуваме во нашата земја“, велат од „Струшките вечери“.