Загадувањето на воздухот убива над 500.000 Европјани годишно

Сподели

Загадувањето на воздухот предизвикува повеќе од 500.000 случаи на предвремена смрт во Европа, без оглед на малото подобрување на квалитетот, соопшти вчера Европската агенција за околината (EEA) во својот годишен извештај, пренесува Anadolu Agency (AA).

Иако податоците за подобрување на квалитетот на воздухот се охрабрувачки, агенцијата со седиште во Копенхаген наведува дека загадениот воздух и понатаму е водечка причина за предвремена смрт, поврзана со околината.

EEA во последниот извештај наведува дека во 2014 година, 520.400 случаи на предвремена смрт во 41 европска земја се предизвикани од загадувачи на воздухот кои потекнуваат од палење на фосилни горива, што во однос на 2013 е помалку за околу 30.000.

Од тоа, четири од пет смртни случаи (428.000) се директно поврзани со присуството на PM2,5 честички во воздухот, на кои е изложено дури 82 отсто од урбаното население во ЕУ.

„Европската комисија е посветена на решавањето на проблемите и на помагањето на државите-членки за квалитетот на воздухот што го вдишувааат нивните граѓани да одговора на највисоките стандарди“, се наведува во соопштението на Кармену Вела, европски комесар за околина, поморски работи и рибарство, пренесува порталот „The Local“.