На денешната прес-конференција, пратеничката од Левица, Јована МОЈСОСКА, истакна дека пратеничката група на Левица поднела Предлог-закон за измена на Законот за здравствената заштита, со кој се бара крај на партиските вработувања во јавните здравствени установи. Партиските вработувања се допуштени поради недореченост на Законот којшто им дава дискреционо право на директорите да избираат партиски подобни кадри во овој витален сектор.
Со измените се предвидува задолжително вработување на најдобро рангираниот кандидат на конкурсната ранг-листа, за конечно да се стави ред во постапките за вработување и да се унапреди квалитетот на јавното здравство.
„Овој систем директно го поттикнува иселувањето на лекарите и медицинските сестри, кои сѐ повеќе својата иднина ја гледаат надвор од Македонија. Последен ваков случај беше во Вевчани, каде најдобро рангираниот кандидат беше скандалозно одбиен, а беа вработени послабо квалификувани лица,“ истакна Мојсоска.
Иако досега сите предлози на Левица биле одбивани без никаква расправа, повторно апелираме до владејачкото мнозинство да покаже одговорност и да го поддржи овој предлог затоа што јавниот здравствен систем не смее да биде заложник на партиски интереси кога се работи за човечки животи.


