Зелениот караван на ЦИВИЛ продолжува

Сподели

 

Зелениот караван на ЦИВИЛ продолжува во Скопје на 15 септември (вторник), со инфо штанд во Карпош, пред Сити Мол (City mall) , со почеток во 12 часот. Граѓанките и граѓаните, медиумите и сите заинтересирани лица кои ќе го посетат штандот ќе имаат можност да разменат искуства и ставови со тимот на ЦИВИЛ, а воедно ќе можат да учествуваат во видео анкетата: „Зошто зелено? Кажи го гласно своето мислење“.

Зелениот караван на ЦИВИЛ е посветен на промоција и јакнење на јавната свест за зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот. Социјалната правда и антинационализмот се дел од европските и зелените вредности кои ЦИВИЛ ги застапува во текот на своето 20-годишно постоење, а во изминатите неколку години и во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел, чие регионално седиште е во Сараево, БиХ.

Тимовите и активистите на ЦИВИЛ ќе патуваат низ земјата и ќе одржат повеќе настани во соработка со општините и локалните граѓански организации. Ќе се одржат работилници на тема „Зелените доаѓаат“ во Штип, Гостивар, Велес, Кавадарци и Скопје. Низа средби со граѓанките и граѓаните ќе се одржат и во други општини низ целата земја.

Зелениот караван ќе заврши со национална конференција посветена на зелените вредности и стратегии, како единствена одржлива алтернатива за општеството и за државата. Зелениот караван е дел од проектот „Зелените доаѓаат“ кој се спроведува во партнерство со Фондацијата Хајнрих Бел.

Во претходната фаза од проектот се спроведуваа голем број активности меѓу кои се и тематските фокус групи и медиумската продукција од која се издвојуваат колумните и анализите што се објавени на медиумската платформа на ЦИВИЛ, првенствено на интернет порталот Зелен ЦИВИЛ. Инаку, Зелен ЦИВИЛ е организациска единица на ЦИВИЛ, која се формира девет години по основањето на организацијата, во 2009 година.