ЗНМ: Времето не смее да ја замени правдата за нападите врз новинарите

Сподели:

Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) по повод 2 ноември – Меѓународниот ден за ставање крај на неказнивоста за злосторствата против новинарите, потсетува дека без ефикасна институционална реакција и навремена правда, секој неказнет напад врз новинарите претставува закана за слободата на медиумите и правото на јавноста да биде информирана.

Безбедноста на новинарите не е само прашање на личната сигурност на медиумските работници, туку предуслов за слободно и професионално новинарство. Кога новинарите се изложени на закани, насилство, притисоци или организирани онлајн напади, а сторителите не се соочуваат со последици, се создава атмосфера на страв и се испраќа порака дека нападите врз медиумските работници може да останат неказнети.

ЗНМ во изминатите години бележи одредени позитивни поместувања во институционалната реакција, особено во дел од поновите случаи на физички напади. Сепак, неказнивоста и долгото траење на постапките остануваат сериозен проблем. Дел од случаите со години немаат конечна разрешница, додека паралелно растат онлајн заканите, вознемирувањето и кампањите за дискредитација на новинарите, особено на новинарките.

Затоа, ЗНМ очекува МВР, Јавното обвинителство и судовите да постапуваат навремено, координирано и ефикасно во сите случаи на напади и закани кон новинарите. Институционалната реакција не смее да заврши со пријавување на случајот или започнување истрага. Таа мора да води кон утврдување на фактите, идентификување на сторителите и нивно соодветно санкционирање согласно законите.

Особено е важно дигиталното насилство да не се третира како помалку сериозна форма на напад. Заканите преку социјалните мрежи, организираните кампањи за дискредитација и говорот на омраза можат директно да влијаат врз безбедноста на новинарите и нивната подготвеност слободно да известуваат во јавен интерес.

На 2 ноември ЗНМ потсетува дека времето не смее да ја замени правдата. Секој нерасчистен напад не е само нерешен случај, туку потенцијален сигнал до идните сторители дека насилството врз новинарите може да остане без последици.

Очекуваме Националниот комитет да донесе мерливи резултати.

Во овој контекст, ЗНМ ја поздравува одлуката за формирање на Национален комитет за заштита и безбедност на новинарите, во кој е предвидено да учествува и ЗНМ. Комитетот треба да претставува можност за подобра координација меѓу институциите и медиумската заедница, но и за системско унапредување на безбедноста на новинарите.

Сепак, за ЗНМ неговата вредност ќе се мери исклучиво преку конкретните резултати. Националниот акциски план треба да содржи јасни обврски, рокови и мерливи индикатори за институциите, како и механизам за редовно следење и известување за неговото спроведување. Само така Комитетот може да биде ефикасен механизам, а не само формално координативно тело.

ЗНМ смета дека во овој процес е неопходно да бидат активно вклучени Јавното обвинителство и судството, бидејќи без нивно директно учество не може да се обезбеди целосен институционален одговор на нападите врз новинарите. Заштитата не завршува со полициската реакција – таа подразбира навремено обвинителско постапување и ефикасна судска разрешница.

ЗНМ ќе продолжи да ги следи случаите на напади врз новинари, да обезбедува поддршка и да бара од институциите одговорност и правда. Заштитата на новинарите не смее да биде декларативна обврска, туку мерлива и трајна институционална практика.

Сподели: