Алтернатива Настани Ударни вести

ЗОО Парк во средното училиште „Браќа Миладиновци“ Скопје

Сподели:

 

Средното земјоделско-ветеринарно училиште „Браќа Миладиновци“ во Скопје денеска ќе ја отвори за посетители својата мини зоолшка градина – ЗОО Парк и систем за аквапоника.

Во ЗОО Паркот има триесетина домашни и други видови животни: лами, носести мечиња, пони коњчиња, елени, срни, како и многу птици. За животните од ЗОО Паркот се грижат учениците кои на овој начин изведуваат практична настава.

-Неодамна на натпреварот организиран од ФИТР и УНИЦЕФ, во конкуренција од триесетина училишта во државава, ние го освоивме првото место, токму со проектот за отворање на ЗОО Паркот за посетители од Скопје и целата држава. Во нашиот парк креирана е и забавна и едукативна содржина за сите посетители. Ние сме единствено училиште во земјава кое има сопствена зоолошка градина, која сега ќе стане достапна за посетители, соопшти СУГС „Браќа Миладиновци“.

Од училиштето посочуваат дека секоја година се соочуваат со намален број ученици и информираат дека Владата, со цел да ги стимулира младите, од оваа година ќе доделува стипендии на средношколците од земјоделско-ветеринарната струка.

Во рамките на повикот за Млади истражувачи 2, училиштето доби финансиска поддршка од Фондот за иновации и технолошки развој за проектот „Аквапоника – клуч за иднината“, при што изгради систем за аквапоника и отпочна со одгледување риби и растенија во симбиоза.

– Настанот кој симболично го закажавме на последниот ден од учебната година, треба да помогне за свртување на вниманието на младите дека може да се учи и во природа и преку пракса да се стекнуваат знаења со кои имаат загарантирана иднина, наведуваат од ова средно скопско училиште.

Сподели: