Во организација на Детскиот ликовен центар, со поддршка на општина Карпош, се одржа јубилејната 15. ликовна колонија „Св. Пантелејмон“. Досега, оваа културна манифестација беше од меѓународен карактер, бидејќи во неа учествуваа и ученици од општините кои се збратимени со локалната самоуправа од Карпош. Годинава, заради ситуацијата со пандемијата (ковид-19), на ликовната колонија учествуваа само основците од десетте училишта на територија на Карпош.
По тој повод, младите уметници во присуство на своите ментори – наставници по ликовно образование, беа во обиколка на манастирот „Св. Пантелејмон“, кој се наоѓа во населбата Горно Нерези. По посетата на овој црковен комплекс кој датира од 12. век, учениците и менторите се упатија кон Детскиот ликовен центар, кој се наоѓа во просториите на Кинотеката на РСМ.
Инспирирани од прекрасниот пејсаж и впечатливите историските мотиви на манастирот, младите уметници ги пренесоа своите импресии, користејќи различни ликовни техники. Уметничките творби на основците од Карпош, ќе останат изложени во рамки на Детскиот ликовен центар, а за своето учество на ликовната колонија, тие добија дипломи од организаторот.
