Вести Македонија Топ теми Ударни вести

АХВ: Засилени контроли на јајцата, боите и месото пред Велигден

Сподели:

 

Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во пресрет на велигденските празници спроведуваат засилени инспекциски контроли на продажбата на јајца, бои за јајца, месо и други прехранбени производи.

Налог е издаден и за засилување на инспекциските контроли на граничните премини за пратките со јајца кои се увезуваат во земјава, при што акцент е ставен на датумот на пакување и означување и временскиот рок на траење. За овој производ, информираат од Агенцијата, рокот на траење не смее да биде подолг од 28 дена, а за јајцата декларирани како „екстра“ – не повеќе од 9 дена.

„Контролите на домашниот пазар се спроведуваат во производството, преработката, дистрибуцијата и продажбата на јајца, со акцент на нивното означување, условите на чување и складирање на овој прехранбен производ, за кој пред празниците постои зголемена побарувачка. Со засилените инспекциски контроли опфатени се и производителите, увозниците и трговците со бои за јајца, во поглед на тоа дали тие ги исполнуваат општите и посебните услови за безбедност на боите, односно дали истите се во согласност со одредбите од Законот за безбедност на храната и Правилникот за адитиви кои се користат во храната“, вели Николче Бабовски, директор на АХВ.

Во однос на боите за јајца, инспекторите контролираат дали истите се соодветно означени и спакувани во оригинално пакување, бидејќи, како што вели Бабовски, бојата во ринфуз состојба и без декларација е небезбедна.

„Боите не смеат да претставуваат опасност за здравјето на луѓето и не смеат да влијаат на нутритивниот квалитет на храната. Затоа треба да се внимава, бои да се купуваат исклучиво од регистрирани оператори кои се под контрола на АХВ“,  објаснува директорот на АХВ.

Засилени контроли има и во месарниците и месарниците со работилници кои вршат промет со свежо месо и подготовки од месо.

Агенцијата за храна и ветеринарство апелира до граѓаните да бидат одговорни потрошувачи и да купуваат исклучиво од регистрирани или одобрени оператори со храна, а секоја недоследност во однос на безбедноста на храната, вклучително и боите за јајца, да ја пријават во АХВ на бесплатниот телефонски број 0800 3 22 22 или електронски на info@fva.gov.mk.

Сподели: