Д-р Пановски: Бројките растат, доцна е за мерки

Сподели

 

Бројот на лица заболени од ковид-19 постепено расте, а државата требаше многу порано да преземе мерки за да го намали тој број, смета проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет. Според него, требало да има поголема контрола на граничните премини, а властите требало да преземат мерки и во однос на организирањето свадби на отворено. Пановски прогнозира дека пикот се очекува во октомври, а дотогаш бројките ќе растат постепено, пренесува Мета.мк.

– Бројките ќе растат допрва. Очекуваме, како во другите земји, да нема толку многу смртни случаи, како и да нема тешки случаи. Она што требаше државата да го направи досега е да преземе мерки кога немавме случаи, тогаш требаше да има поголема контрола на границите, посебно на иселениците на влез во државата, со акцент на оние каде што имаше случаи. Сите свадби што се закажани, како и оние кои поминаа се голем ризик фактор за ширење на бројките. Надлежните треба да ѝ објаснат на јавноста зошто чекаа досега – смета проф. Пановски.

Тој вели дека во Грција со 4.000 случаи, властите го контролирале влезот на нашите туристи, а нашите власти не контролираат на влез во земјава.

– Доаѓаат иселеници специјално за свадби во затворен простор, а тоа е голема опасност. Сега ќе ни дојдат допрва и од Италија гости, но и од Швајцарија, па и други европски земји. Вакцините штитат од зараза, иако јас знам неколку случаи кои се позитивни, но поминуваа со полесни симптоми – додава Пановски.

Тој потенцира дека граѓаните треба да продолжат да се заштитуваат со носење маски во затворен простор, но и да се вакцинираат бидејќи тоа е единствениот начин за заштита од вирусот.