Вести Македонија Став Ударни вести

Тоевски: Дали Заедницата на српски општини во Косово ќе стимулира сепаратистички иницијативи во Македонија?

Сподели:

 

Колку повеќе САД инсистираат на северот во Косово да се формира асоцијација на општини со доминантно српско население, толку повеќе се актуелизира прашањето на асоцијација на „албански општини“ и во Македонија, пишува Свето Тоевски за Республика.

Во својата колумна „Еднонационалната асоцијација во Косово ќе произведе војни и последици во целиот Балкан“, професорот по евроинтеграции д-р Мухамер Пајазити од Македонија предупредува: „Таквата еднонационална Заедница ќе поттикне да се создаде и Република Илирида во западниот дел на Македонија.“

Свето Тоевски

Дали официјален Вашингтон ќе поддржи конституирање и други асоцијации врз етничка основа во Балканот, па и во Македонија? Ова прашање го поставува Селим Ибраими, доктор по политички науки и раководител на Институтот за безбедносни студии и развој – Македонија во својата колумна „Косово во ‘пат’ – позиција – Србија продолжува да им се умилкува на САД и ЕУ“.

Српска асоцијација во Косово – албанска асоцијација и во Македонија?

На почетокот на февруари годинава, Елвис Хоџа (Elvis Hoxha), политичкиот советник на косовскиот премиер Албин Курти, изнесе став: „Седумстотини илјади Албанци во Македонија се 14 пати повеќе отколку што има Срби во Косово. Тоа значи: ако има заедница на српски општини во Косово, тогаш прва на удар ќе биде Северна Македонија, ќе има и заедница на албански општини и во неа.“

Косовскиот аналитичар Фатмир Шеноли смета дека се целосно неодржливи ставовите на Елвис Хоџа. Во изјавата за анализата со наслов „Може ли формирањето Заедница на српски општини на Косово да предизвика создавање албанска во Македонија?“ Шеноли тврди: „Елвис Хоџа е целосно ирелевантен човек: тој живее во Албанија и негова задача е максимално да ги држи тензиите во декларативен аспект, бидејќи нема моќ.“

Наспроти овие тврдења на Фатмир Шеноли стојат сосема поинаквите констатации во повеќе албански медиуми во Балканот околу тоа кој е и што е Елвис Хоџа. Во својата вест со наслов „Дијаспората против Асоцијацијата’ – Елвис Хоџа дели повици на протест во Берлин“, информативниот портал „Национале“ од Приштина пишува дека Елвис Хоџа е влијателен член на Претседателството на владејачката косовска партија „Движењето Самоопределување“.

„Национале“ нагласува: „Уште пред неколку дена Милјазим Красниќи, универзитетски професор по новинарство од Приштина, го опиша Елвис Хоџа како ‘политички шеф на премиерот на Косово Албин Курти’. Моќникот во Движењето Самоопределување Хоџа е познат и како идеолог на оваа најголема партија на власт.“

Елвис Хоџа е доволно влијателна личност на косовската политичка сцена и затоа политичарите и Владата во Македонија треба да му придадат потребно внимание на неговиот став дека „ако има заедница на српски општини во Косово, тогаш ќе има и заедница на албански општини во Македонија“.

Тој обавил на својот фејсбук профил и мапа на „Заедницата на општини со албанско население во с. Македонија“, наведувајќи дека таа е на Движењето Унитети. „Оваа мапа станува актуелна по инсистирањето на Габриел Ескобар да се формира асоцијацијата на српските општини Косово.“ – посочува Хоџа. Движењето Унитети е албанската политичка партија, основана од Гзим Острени, вујкото на лидерот на ДУИ Али Ахмети.

„Албанската асоцијација на општини“ прокламирана уште во 2015 година

Во октомври 2015 година, ТВ 21 извести: „Вчера, на 14 октомври 2015 година на плоштадот во Тетово Движењето Унитети го објави својот предлог за создавање Асоцијација на албанските општини во Македонија“.

Во изминативе нецели осум години остана непознато што се случи со таа иницијатива на Унитети и дали таа воопшто опстојува и натаму како политичка партија. Но, со идејата за „Албанската асоцијација на општини“ продолжи Алијансата за Албанците.

Во информацијата со наслов „Села најави противуставна „Заедница на албански општини“ информативниот портал „Експрес“ извести дека на централниот митинг на Алијансата за Албанците, одржан на 8 октомври 2017 година во Скопје, Зијадин Села, во тоа време лидер на оваа партија, најави „формирање Заедница на албански општини во Македонија“. Но, тогаш не даде детали кога и на кој начин би се спровела таа бездруго програмска заложба на Алијансата за Албанците.

Зијадин Села е денес претседател на Централното Собрание на АА и втор човек во нејзината раководна хиерархија, а неговата партија се стреми да стане дел на владејачката коалиција. Тоа создава дилема дека Алијансата за Албанците може да ја реактуелизира најавата на Села од 2017 година сега веќе и од рамниште на Владата.

Во интервју за ТВ Шења и информативниот портал „Зум.мк“, сегашниот лидер на Алијансата за Албанците Арбен Таравари навести дека „може да се појават нови идеи за реорганизација на државата, ако биде загрозена европската перспектива за с.Македонија.“ Дали тој најавува чекори за конечно формирање на партиската заложба за Заедница на „албански општини“ во Македонија, која ја прокламира Зијадин Села?

Таравари се уште нема појаснето на какви „нови идеи за реорганизација на државата“ мислел. Ако тие „идеи за реорганизација на државата“ значат „асоцијациско групирање“ на општините, во кои живее албанско население, усогласено со албанската национално-политичка агенда, тогаш можат да настанат сериозни опасности за Македонија.

Извор: unsplash.com

Во ваква насока се движат стравувањата на политичкиот аналитичар Сашо Клековски, кој во својата колумна „Француски предлог и за Косово“ ќе каже: „Македонскиот интерес е да нема територијални решенија за етнички прашања. Асоцијацијата на српските општини, во форма што ќе значи територијално решение на етничките (српски) прашања во Косово, ќе отвори опасност за барања за такво решение и во Македонија.“

Стимулирање „сепаратистички иницијативи ширум Балканот“

Многу е сериозно и предупредувањето за можните опасности, кое во овој контекст го изнесува Јануш Бугајски (Janusz Bugajski), постар истражувач во Џејмстаун Фондацијата од Вашингтон. Во својата анализа „Палење уште еден балкански фитил во Косово“, Бугајски ги предупредува Вашингтон и Брисел дека со притисокот врз Приштина да создаде Заедница на општини со мнозинско српско население во Косово „стимулираат сепаратистички иницијативи низ целиот Балкан“.

„Секој договор заснован врз етничка припадност е рецепт за судир. Надворешното влијание на ваквата српска Заедница би можело да биде уште поексплозивно. Албанските лидери ќе тврдат дека треба да се создаде слична заедница за албанската етничка заедница и на северозападот на с.Македонија.“ – предупредува Бугајски.

Сметајќи ја најавата на Таравари за реорганизација на државата како остварување на плановите од минатото, историчарот Тодор Чепреганов коментира дека Македонија дефинитивно се движи кон дезинтеграција. Во изјавата за весникот „Нова Македонија“, Чепреганов ја анализира најавата на лидерот на Алијансата за Албанците Арбен Таравари во поширок историско-политички контекст и вели: „Сега се реализира спрегата Тирана-Софија-Атина за поделба на Македонија, за да ги задоволат своите вековни територијални стремежи кон неа.“

Првата територијална поделба создаде само етнички хомогени „албански општини“

Асоцијација на општини, каков било етнички предзнак да има, во политичката наука претставува двостепена локална самоуправа, односно формирање региони со опфаќање одреден број на општини, според различни критериуми. Македонија веќе е поделена на осум, но плански региони, кои служат за статистички, економски и административни цели.

Предуслови за регионализацијата на системот на локалната самоуправа врз етничка основа во Македонија се создадени уште во 2004 година со изгласувањето на Законот за територијалната поделба. Се променија дотогашните граници на 34-те општини спротивно на географските, економски и други критериуми и беа создадени низа општини со вештачки зголемена доминантна концентрација на албанско население, кои денес албанските политички и други чинители ги означуваат како „албански општини“.

Во оваа смисла во анализата „Каде потфрла децентрализацијата?“, се констатира дека оваа територијална поделба на државата е инструмент за спроведување политики, кои се далеку од унапредување на локалното живеење на граѓаните во тие општини.

Професорот-социолог Илија Ацески, кој беше дел од првата комисија за реорганизација на локалната самоуправа во 2004 година, нагласува дека уште при изработката на територијалната организација на локалната самоуправа, пред две децении, сметал оти не треба да се прават етнички хомогени територијални единици. „Но се покажа дека политичката тенденција била да се направат токму етнички хомогени општини.“ – додава Ацески во изјавата за „Нова Македонија“.

Последиците од прекумерната децентрализација

Уште со завршувањето на конфликтот во 2001 година Македонија како држава се наоѓа во процес на непрестајна децентрализација, на развластување на централната власт, односно на слабеење и губеење на надлежностите и моќта на Владата наспрема општините. Во политичката теорија постојат редица експерти, кои аргументираат дека прекумерната децентрализација на власта води кон појава на територијална автономија, односно оти се создаваат „центрифугални тенденции“ во државното устројство, кои можат да предизвикаат и распад на државата.

„Пренесувањето на надлежностите, децентрализацијата на политичката власт може да доведе до долгорочни неочекувани последици. Постојаната децентрализација може да култивира сецесионистички преференции.“ – истакнуваат професорите по политички науки д-р Елијас Динас (Elias Dinas) и д-р Никос Скутарис (Nikos Skoutaris) во својот научен труд „Парадоксот на територијалната автономија: како поднационалната претставеност води до сецесионистички преференции“, објавен во 2020 година.

Во својот научен труд „Руската централна држава во криза“, објавен во 2001 година, професорката по политички науки д-р Кетрин Стонер-Вајс (Kathryn Stoner-Weiss) констатира: „Како што покажува и примерот на Канада, може да биде доведено во опасност и постоењето на државата кога се случува преголема децентрализација. Тогаш стануваат се повеќе загрозени политичката стабилност и територијалниот интегритет на државата.“

Затоа, во Македонија ќе мора да се пристапи кон темелно преиспитување на системот на локалната самоуправа, на процесите на децентрализацијата, за да се внесе оптимално димензионирање на пренесувањето на државните надлежности кон единиците на локална самоуправа, со цел и да воспостави нормален сооднос меѓу државната и локалната власт, како и во другите развиени и стабилни држави.

Се поизвесното формирање на еднонационалната Асоцијација на српски општини на северот на Косово ќе претставува се поизвесна опасност и за Македонија, дотолку повеќе кога се навестуваат натамошна децентрализација и нов модел на територијална организација и на локалната самоуправа.

Претстои реорганизација на локалната самоуправа и преуредување на територијалните граници на општините. На тоа веќе се работи во Министерството за локална самоуправа.

Останува да се види дали е можно да се воведе двостепената локална самоуправа, како институционално-правна основа и за „асоцијациско-етнички групирања на општините“, односно за преземање на можниот „косовски терк“ на организирање и функционирање на српските општини и во Македонија. Двостепената локална самоуправа не и е потребна на Македонија, покрај тоа што би можела да биде и политички искористена, заради реализирање на етничката агенда на албанските партии.

За да се намали, или сосема да се спречи негативниот „домино-ефект“ од Заедницата на српските општини од Косово и во Македонија треба да се „исцртаат“ такви општински граници, кои ќе создадат нови етнички мешани општини, ако треба и сега вештачки, спротивно на некои природни економски, географски, или други критериуми, само за да се „разбие“ постојната етничка хомогеност на „албанските општини“, создадени со првата територијална поделба.

Вакво решение би предизвикало политички турбуленции и остро спротивставување од страна на албанскиот политички блок, но македонските политички партии се веќе најконкретно соочени со огромната опасност од „реорганизациско дезинтегрирање“ на Македонија како држава. Треба да се отстрани таа опасност.

Сподели: