Џафери и Заев премиерно ја отвораат новата политичка сезона во Собранието

Сподели

Во Собранието на Република Македонија, денеска, во 11 часот, почнува постапката на избор на новата влада, која, според член 112 од деловникот на Собранието, може да трае најмногу два дена.

Оваа седница е првата со која ќе претседава Талат Џафери од ДУИ и првата на која Зоран Заев се обраќа во својство на мандатар.

По подолга политичка криза, во која и ВМРО-ДПМНЕ и претседателот Ѓорге Иванов обвинуваа за обид за нарушување на унитарноста на државата, Заев го доби мандатот за формирање на новата влада на 17 мај годинава.

Единствената расправа за составот и за програмата на новата влада би требало да заврши со гласање до утре на полноќ. Според изјавите на лидерите на политичките партии, од новото парламентерно мнозинство, не би требало да има проблем, оти поддршка на владата на Заев ветија и ДУИ и Алијанса на Албанците, кои ќе учествуваат во неа, но и Беса, која иако нема да биде дел од новата влада, вети дека ќе ја поддржува. Со 49 пратеници на СДСМ, 10 на ДУИ, пет на БЕСА и со три пратеници од Алијанса за Албанците, владата ќе има поддршка од 67 пратеника, односно се очекува да биде задоволен ставот 4 од деловникот на Собранието, според кој, владата се избира со мнозинство пратеници од 120-члениот состав.

ВМРО-ДПМНЕ по цел ден молк вчеравечер потврди дека нејзините пратеници ќе присуствуваат на седницата, откако во текот на денот повеќепати обвини дека рокот што е даден на пратениците да ги разгледаат составот и програмата на владата е прекраток.

meta.mk