Вести Македонија Ударни вести

ДКСК со Анализа за трошоците на пратениците при користење патни трошоци 2015-2019

Сподели:

 

Со законот за пратениците уредени се правата, обврските, платата и надоместоците на пратениците, каде  во член 4 се вели дека функцијата пратеник во Собранието се врши професионално.

Во главата IV Права и должности на пратениците, Член 10 е наведено дека

Пратеникот е должен да присуствува на седниците на Собранието и на работното тело, чиј член е, како и да учествува во работата и одлучувањето на Собранието и на работното тело.

Со член 31 утврдени се надоместоците кои им следуваат на пратениците и тоа:

Пратеникот има право на други лични примања и надоместоци на трошоци за:
– селење од местото на постојано живеалиште во местото каде што ја врши функцијата пратеник,
– стручно усовршување и образование,
– погребни трошоци во висина на просекот на двете последни плати на починатиот пратеник,
– дневница за службено патување во земјата без трошоци за ноќевање до 4% од просечната плата по работник исплатена во стопанството на Република Македонија во претходните три месеца,
– укината 3
– трошоци за ноќевање кои се признаваат според приложената сметка, освен во хотелите од Делукс категорија,
– дневница за службено патување во странство,
– надоместок за користење на автомобили во лична сопственост за службени цели, во висина до 20% од продажната цена на еден литар гориво, според изминатиот километар за возилото кое се користи,
– надоместок за закупнина на стан,
– надоместок за одвоен живот од семејството, кој изнесува 30% од просечната месечна нето плата исплатена во Република Македонија во претходните два месеца и
– отпремнина при заминување во пензија во износ од три просечни месечни плати, остварени во претходните три месеца.

Условите и начинот за утврдување на висината на износот за остварување на личните примања и надоместоци на трошоци, утврдени со овој закон, како и нивната примена ги определува Собранието, односно надлежното работно тело на Собранието.

Пратениците во Собранието на Република Северна Македонија правото на надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за присуство на седница остваруваат согласно

  • Одлуката за висината на надоместокот на пратениците донесена од Комисијата за прашања на изборите и именувањата при Собранието број 14-1650/1 од 13.04.2006 година (Службен весник на РМ бр. 51 од 19.04.2006 година),
  • Одлуката бр. 14-3599/1 од 03.10.2006 (Службен весник на РМ бр. 106 од 12.10.2006 година),
  • Одлуката за дополнување на одлуката бр. 15-5073/1 од 26.11.2007 година (Службен весник на РМ бр. 143 од 27.11.2007 година) и
  • Одлуката за изменување на Одлуката бр. 16-5037/1 од 31.08.2018 година (Службен весник на РМ бр. 161 од 31.08.2018 година).

Согласно на Одлуката за дополнување на одлуката бр. 15-5073/1 од 26.11.2007 година  (Службен весник на РМ бр. 143 од 27.11.2007 година), правото на надоместок им припаѓа и на пратениците чие место на живеење е оддалечено од Собранието на Северна Македонија најмалку 10 км.

Со Одлуката за изменување на Одлуката бр. 16-5037/1 од 31.08.2018 година (Службен весник на РМ бр. 161 од 31.08.2018 година), висината на надоместокот од 30% е заменета со 20%.

Сметаме дека ваквото законско решение не е објективно и реално поценето и применето, од причина што правото за корстење на сопствен автомобил за службени потреби е пренесено како решение од претходни периоди. Имено, првобитната одлука за стекнување на ова право е од 2000 година  Сл. Весник на РМ 20/2000, 51/2000 и 104/2000, во услови кога пратеничката функција не се вршеше професионално, односно кога функцијата се вршеше дополнително покрај редовната работа, така што трошоците за присуство беа надоместувани.

Во услови кога почнувајќи од 2005 година па наваму, функцијата пратеник се врши професионално што подразбира секојдневно присуство на седници на Собранието или работните групи,примената на ваквото решение придонесе со години наназад да има големо трошоење на буџетските средства.

Аналогија на ова се и секојдневните трошоци за патување што вработените во институциите од јавниот сектор ги плаќаат за доаѓање на работа, бидејќи и тие својата работа ја вршат професионално, а за возврат не добиваат надомест, или другите лица избрани од Влада, Претседател, Собрание, кои исто така професионално ја извршуваат својата работа, а немаат предвидено надоместоци.

Во наредниот период ќе излеземе со податоци како именуваните лица во институциите на државата го решиле прашањето на надомест на патните трошоци, во услови кога со законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица предвидено е исто така „надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за службени цели, во висина од 30%, односно 20% од продажната цена на еден литар гориво“.

Поради фактот што во ниту еден акт не е регулирано што се подразбира под “користење на сопствено возило за службени цели“, постои од можност од  користење на буџетски средства за одење и враќање од работа, а не само за одредена службена цел.

Исто така, според член 26 од Законот за плата и други надоместоци на  пратениците во Собранието и другите избрани и именувани лица во Републиката, на пратеник во Собранието, претседателот, потпретседателот и членовите на Владата, им се обезбедува бесплатен превоз во железничкиот и патниот сообраќај во Републиката во сите правци.

Во периодот од 2015 до 2019 година за патни трошоци за користење на автомобил во лична сопственост за доаѓање и враќање од работа на пратениците им се исплатени вкупно 178.079.681 денари, или 2.895.605 евра, и тоа:

  • За 2015 година исплатен износ од 47.409.320 денари или 770.883 евра;
  • За 2016 година исплатен износ од 976.034 денари или 698.797 евра;
  • За 2017 година исплатен износ од 488.060 денари или 512.000 евра;
  • За 2018 година исплатен износ од 160.226 денари или 522.930 евра;
  • За 2019 година исплатен износ од 046.041 денари или 390.993 евра;

Исплатениот износ во 2015 година е значително поголем бидејќи во оваа година се исплатени надоместоци за превоз и за неисплатени обврски од 2014 година.

Од наведените податоци се гледа дека исплатата на надоместокот за патни трошоци на пратениците за доаѓање и враќање од работа од 2015 до 2019 година се намалува. Во 2016 споредено со 2015 година трошоците се намалени за 10,31%, во 2017 се намалени за 50,56%, во 2018 се намалени за 47,41% и во 2019 споредено со 2015 се намалени за 97.16%.

Правото на надоместок за користење на автомобил во лична сопственост за доаѓање и враќање од работа го користеле: во 2015 година 90 пратеници, во 2016 година 88 пратеници, во 2017 година 86 пратеници, во 2018 година 76 пратеници и во 2019 година 75 пратеници.

Намалувањето на исплатата на надоместокот е поради измената на Одлуката за висината на надоместокот во 2018 година, од 30% на 20%. но и на зголемување  бројот на пратеници кои  користеле закуп на стан:   во периодот 2015- 2017 само 3 пратеници, а во 2018 и 2019 година користат 15 пратеници.

При изготвувањето на анализата беа користени и податоци за имотната состојба на пратениците искажани во анкетните листови доставени до ДКСК. Констатирано е дека во анализираниот период 23 пратеници имаат сопствени станови или станови на име на членови од нивното потесно семејство во Скопје. И покрај тоа, тие пратеници примале надоместоци за користење на автомобил во лична сопственост за доаѓање и враќање од работа за патување од местото на живеење до Собранието на Република Северна Македонија и обратно.

Со законот за пратениците исто така е предвидено дека пратениците имаат право на надомест на закуп за стан, а со одлуката од 31.08.2018 година е предвидено дека:

„Надоместокот за закупнина на стан се остварува врз основа на писмено барање, коесодржи:

– лична изјава заверена кај нотар дека барателот нема во сопственост или под закуп

стан или куќа во површина најмалку од 80 м/2 во Скопје.“

Не е јасно на кој начин е утврден дека помалата површина од 80 м2  е услов за да може пратеникот да оствари правото за стан под закуп, и дали тоа значи дека ако има два стана до 75м2, пратеникот може да користи стан под закуп? Исто така со одлуката не е утврдено правото на максимална квадратура за изнајмување, а во зависност од тоа дали пратеникот живее сам или со семејство.

Од договорите за закуп кои ни беа доставени видно е дека за различна квадратура се плаќа ист износ. Не е правена анализа на место локацијата.

За намалување на патните трошоци на пратениците, наменско и законско користење на буџетските средства, спречување на злоупотреби, како и за поефикасно вршење на функцијата пратеник во Собранието на Северна Република Македонија, Државната комисија за спречување на корупција, предлага натамошно регулирање на оваа проблематика во смисла на:

  1. Консолидирање на законската и под законската регулатива
  2. Утврдување на прецизни критериуми за користење на правата на надоместоци на пратениците по сите основи.
  3. Да се донесе Методологија за утврдување на правото и вид на надоместоци за  пратениците по сите основи.

Исто така се укажува на потребата од разграничување на правата на пратениците од правата на останатите избрани и именувани лица, за кои исто така треба да се утврдат прецизни критериуми за нивното користење – се наведува во Анализата спроведена од ДКСК.

Сподели: