Домашните туристи се сламката за спасот на летната сезона (инфографик)

Сподели

 

Тотален колапс и се заканува на претстојна летна туристичка сезона поради состојбата предизвикана од корона вирусот во целата економија, при што најмногу и најбрзо на удар се најдоа секторите туризам, угостителство и транспорт, со илјадници работни места. Токму затоа досегашните мерки на Владата уште на стартот на кризата беа насочени кон поддршка на овие сектори.

Сепак, туристичките работници не се оптимисти дека работите наскоро би можеле да тргнат кон подобро, со оглед на фактот дека се уште трае пандемијата, како кај нас, така и во земјите со кои се склучиле аранжмани за летување, како Грција, Италија и Шпанија. Нивна генерална оценка е дека, ако нешто воопшто и може минимално да ја спаси претстојната летна сезона, тоа се домашните туристи и оние од соседните земји. Од друга страна, коментираат дека се добредојдени владините мерки за финансиска поддршка во туризмот, но дека тие, сепак, се од краткорочен карактер и не се доволни за да го спасат секторот, затоа што загубите од стопирањето на работата се големи и уште растат, па затоа треба да се размислува во насока на обезбедување подолгорочни грантови или неповратни средства.

На туристичките агенции за incoming туризам им се целосно откажани сите странски туристи, агенциите што работат на outgoing, се уште не можат да планираат патувања на дестинации надвор од земјата, бидејќи сите граници се затворени, без конкретна предвидливост кога воопшто ќе стартува сезоната во одредени земји. Заклучно со јуни се откажани сите хотелски аранжмани, а странските тур-оператори се уште се во исчекување за веќе направените резервации за топ сезоната. И во делот на конференцискиот туризам, според најавите од хотелиерите, сите активности до септември се откажани.

Според директорот на туристичката агенција „Фибула Еир Травел“, Асим Меџедовиќ, ако се успее да се спаси барем нешто од сезоната, ќе треба агенциите да се свртат кон домашите туристи и туристите од соседството, со стимулирање на хотелскиот туризам. При тоа, цените да се корегираат и да се прилагодат кон стандардот. Очекувањата за профит не се големи, со оглед на малиот број на македонски туристички дестинации и ограничените капацитети.

„Сите наши аранжмани од надворешните тур-оператори се откажани, а доколку наскоро се отворат границите за патувања, веројатно ќе има нагорна промена на цените на аранжманите што се претходно договорени и за кои се резервирани ваучери. Ако воопшто нешто тргне летово, тоа ќе биде дури во втората половина на јули и според мене, ќе се остварат 30 отсто од договорените аранжмани“, вели Меџедовиќ.

Според него, мерките на Владата за средства за плати на вработените во туризмот како и кредитите, се добредојједни, но со кратко дејство. Многу повеќе ефекти би имало и полесно би се пребродила состојбата доколку се дадеа неповратни средства, за подолг период, од Фондот за туризам, а нивната висина би била зависно од бројот на вработени во компаниите од туристичкиот сектор. Дури тогаш би можело да се очекува застанување на здрави нозе на овој сектор, иако за тоа ќе требаат уште најмалку две години, какви што се и светските прогнози.

Славчо Сирачевски, директор на туристичката агенција „Аурора Турс“, вели дека е поголем оптимист дека летната сезона ќе заживее, колку толку, за домашниот туризам и ако се отворат границите за гости од соседството. Во очекување набргу да се стабилизира состојбата со корона вирусот, најбрзо би се активирале рестораните и хотелите во државава.

„Пред се мора да се чекаат препораките од Министерството за здравство, а најбитно е да се отворат границите за да очекуваме прилив на странски туристи. Мерките од Владата за исплата на плати на вработените од 14.500 денари, се во ред, но се краткотрајни и недоволни, затоа што се многу големи последиците во дејноста. Летото нам ни го носи главниот профит, од мај до октомври, и тоа ни е основа за планирање за сезоната за наредната година. Така што поддршката само во делот на платите и на 50 отсто помали давачки за придонеси, не се доволни затоа што трошоците се големи. Повеќе корист ќе имаме од поголеми грантови“, вели Сирачевски.

Додава дека, ако воопшто тргне сезоната, тоа ќе биде дури во август. „Аурора Турс“ има договорено над 100 аранжмани со чартер летови, кои се уште не се откажани. Авансите се дадени и се стои во место и е неизвесно, затоа што не зависи од нашата држава, туку од општата сосојба со вирусот во земјите од другите туристички дестинации.

За дефинирање на штетите од корона вирусот, преку проектот на УСАИД „Подобра бизнис-регулатива“, четирите најголеми стопански комори во земјава моментално спроведуваат истражување за ефектите од кризата преку анкетирање на компании од повеќе сектори, вклучително и туризам и угостителство. Како што велат од Стопанската комора на Македонија, целта на анализата е изработка на секторска студија од кои ќе произлезат релевантни предлог – мерки за надминување на економските негативни последици предизвикани од пандемијата.

Според официјалните статистички податоци, околу 30.000 вработени се ангажирани во туризмот и угостителството, а се евидентирани околу 6.000 деловни субјекти. Има околу 400 категоризирани хотели и 100-тина ресторани како и голем дел од угостителски објекти за храна кои функционираат без категоризација. (Ресторани, гостилници, ресторани за самопослужување, експрес ресторани, киосци, млечни ресторани, ресторан бавчи, летни бавчи, кебапчилници, бистра, пицерии, објекти за брза храна и слично) кои не се евидентирани во регистарот како ресторани и така не може да се добие јасна претстава за точниот број на угостителски објекти за храна.

Владата, со приоритет за микро, мали и средни претпријатија, од последната Ковид 2 кредитна линија преку Развојна банка, минатата недела определи уште 8 милиони евра бескаматен кредит, за помош на фирмите погодени од корона кризата и за зачувување на работните места.

Првиот пакет бескаматен кредит од 4,7 милиони евра, Ковид-1, беше само за компании од транспорт, угостителство и туризам. Од нив се одобрени средства 2,1 милион евра за компании во транспортната дејност, 2,4 милиони евра за угостителството, додека останатите се во туризмот (туристички агенции и туроператори).

meta.mk