Државниот архив се вклучува во одбележување на Меѓународниот ден на архивите

Сподели

Меѓународниот ден на архивите – 9 јуни, се одбележува секоја година во чест на основањето на Меѓународниот совет на архиви (ICA) во 1948 година, под покровителство на УНЕСКО. Мотото на Меѓународната недела на архивите, која оваа година се одржува од 9 до 13 јуни 2025 година, е #ArchivesAreAccessible – Archives for Everyone (Архивите се достапни – Архивите се за сите!),

Оваа тема, која е избрана преку глобална анкета со учество на повеќе од 300 професионалци, ја истакнува клучната улога на достапноста во архивската дејност. Целта е да се поттикне размислување и акција за отворање на архивите кон сите заедници, без разлика на нивната локација, способност или припадност. Во фокусот на светската архивска заедница е прашањето на достапноста на архивските документи и услуги за сите граѓани – без разлика на нивниот социјален статус, образование, возраст, етничка припадност или физички способности. Мотото ја нагласува улогата на архивите како јавно добро и демократска алатка што овозможува транспарентност, отчетност и заштита на човековите права.

Државниот архив се вклучува во одбележување на Меѓународниот ден на архивите и Меѓународната недела на архивите со интензивна архивска едукација на ученици и студенти, ги поддржува вредностите на отвореност, професионалност и служба кон јавноста и ја продолжува својата мисија – зачувување, заштита и обезбедување пристап до архивското наследство на државата.