Филипче: 200.000 кинески вакцини ќе пристигнат на 28. април

Сподели

 

Министерот за здравство Венко Филипче најави дека на 28 април ќе пристигнат 200.000 вакцини од брендот „Синофарм“ од Кина. Исто така, на 19 и на 26 април треба да пристигнат по 10.000 дози од „Фајзер/Бионтек“.

Сè со цел, вакцинацијата да се одвива низ целата држава тој ќе има состанок со градоначалниците и директорите на здравствените домови во Куманово, Битола, Штип, Кавадарци, Охрид и Тетово за да се утврди на кои места, слично како во салата „Борис Трајковски“, граѓаните ќе може масовно да се вакцинираат. Согласно расположливоста со вакцини, ќе може да се вакцинираат од 7.000 до 10.000 граѓани на ден.Филипче очекува задоволително темпо на вакцинација пред летниот период.

На реакцијата за отсуство на вакцини за голем број на граѓани кои се во критични категории односно се со ретки болести, имаат хронични белодробни заболувања, одат на дијализа Филипче апелира на трпение, и останува на ставот дека засега ќе се оди по планот за вакцинација според возраста.

Во однос на производството на руската вакцина „Спутник V“ во Србија, тој вели дека нема да се прави нарачка, бидејќи има доволно нарачани вакцини односно 2.600.000 и тоа 800.000 „Фајзер/Бионтек“ преку Ковакс механизмот и директни договори, 400.000 од руската и кинеската, 100.000 вакцини преку солидарниот фонд од ЕУ и 500.000 вакцини од кинески „Синовак“, со што би се заокуружил процесот на вакцинирање.

Имајќи предвид дека рестриктивните мерки важат до 20 април, викендов и почетокот на следната недела ќе се следи состојбата и согласно тоа, ќе се донесе одлука дали ќе има одредено олабавување. Филипче информираше дека притисокот врз болниците се намалува, има помал број на прием на пациенти, а и бројот на новозаболени денеска е под 900.

Министерот за здравство очекува дека во Собрание ќе биде постигне консензус за измените на Законот за здравствена заштита со што се предвидува лекувањето на ковид-пациенти во приватните болници да не надминува 5.000 евра.