Вести Македонија Став Ударни вести

“Градиме Иднина”: Не сме задоволни од активноста на центрите за социјална работа

Сподели:

 

На 27 декември, претседателот на здружението “Градиме Иднина”- Скопје, Г-дин Илија Јовановиќ, оствари работна средба со Министерката за труд и социјална политика м-р Јованка Тренчевска.

Работниот состанок се одржа во врска со понатамошната реализација на Проектот „СТОП ЗА ПИТАЧЕЊЕ И ЗЛОУПОТРЕБА НА ДЕЦАТА И НИВНОТО ЗДРАВЈЕ”.

“Ја запознавме министерката дека и покрај изработениот Протоколот за постапување против питачењето и злоупотреба на децата во месец септември, резултатите кои центрите за социјална работа ги постигнаа, се незначителни односно од нивна страна не доаѓа соодветен одговор и ангажирање за реализација на Проектот. Инертноста на стручните служби во центрите за социјална работа допринесе повторно голем дел од децата кои беа отстранети од улица да се вратат односно да бидат повторно принудени да питачат од нивните несовесни родители или роднини.

-Истакнавме дека воопшто не сме задоволни од досегашната активноста на центрите за социјална работа. Протоколот за постапување против питачењето и злоупотреба на децата, што го изготвивме во септември не е поделен во училиштата и градинките. Откако во еден период ги повлековме нашите дежурства, поради тоа што требаше да бидат преземени од Министерството за труд и социјална политика, центрите за социјални работи и МВР, бројот на питачи се зголеми. МВР имаше акција во соработка со МТСП, но со само една акција и со една мобилна екипа не се решава децениски горлив проблем, туку треба да се работи константно со повеќе патроли.

Здружението, со голема помош од донатори од приватниот сектор, од градот Скопје, ОЈО Скопје и полициските станици на територијата на град Скопје, сепак остана доследно на својата цел и континуирано ја остваруваше примарната цел на проектот односно отстранувањето на злоупотребените деца од улица. Сепак сето тоа на моменти беше залудно бидејќи недостасуваше поддршката и ангажираноста на центрите за социјална работа.

Министерката лично се заложи за реализацијата на Проектот и притоа беше заклучено дека во текот на месец јануари, февруари и март следната година ќе се реализира голема акција во координација помеѓу Министерството, центрите за социјална работа, Министерството за внатрешни работи, полициските станици и ОЈО Скопје, со која во целост и симултано ќе се реализираат двата сегмента на Проектот: отстранувањето на децата од улица и нивно соодветно згрижување.

Во контекст на претходното Министерката беше информирана дека нашето Здружение ќе продолжи со дежурства по трговски центри, пред маркети, крстосници, ресторани, кафулиња, сендвичари, бурегџилници, чаршии, плоштади, булевари, наплатни патарини и други маркирани локации, заедно со нашите 50 волонтери, информираат од здружението “Градиме Иднина”.

Сподели: