Колумна

ХОРХЕ – КУКУ ЛЕЛЕ! – Георги АЈАНОВСКИ

Сподели:

 

Од поодамна одбегнувам да ги следам јавните настапи на шефот на државата. Особено по неговите лупинзи со аболицирањето на високи државни криминалци. Сметав дека човекот веќе загубил секаков контакт со македонската реалност, дека живее во некој далечен и магловит свет, каде што не распознава луѓе, судбини, животи, не препознава што е измама, лага, што е вистина, правда, чест, достоинство. Дека едноставно се работи за празна, безлична човечка фигура која што повеќе не знае и нема нешто разумно да каже, а тоа да не се граничи со ординардна глупост.

Но, и покрај сето тоа, решив сепак докрај да го сослушам неговото новогодишно обраќање, со надеж дека сега по изборите можеби сфатил што тоа се случува во неговата држава, какви процеси и промени се одвиваат пред неговите очи и дека до некаде ќе излезе со покајание за своето досегашно соучесништво во злосторничкиот поход на Груевистичкиот режим. Меѓутоа, се излажав: пред мене стоеше истиот оној добро оформен безрбетник и смотаник, во јавноста познат како Хорхе, кој што папагалски го препрочита дпмне-овскиот проглас што Груевски неодамна го изнесе пред седиштето на ДИК. Од точка до запирка, дури без ниедна божемска чуденка. Се препоти кутриот, случајно да не прескокне некој збор од она што му било напишано во партискиот штаб.

А, таму повторно: странски заговори, тајни сценарија за уривање на власта, платеничка опозиција со планови за кантонизација и федерализација на земјата, амбасадорски мешања во внатрешните криминали и изборните фалсификати на власта.

И пак истата песна: да не бил тој и неговите безбедносни служби, во неколку наврати од Македонија не ќе останело ни трага. Затоа, кога ја аболицирал мафијашката дружба на својот партиски шеф, фактички ја спасувал државата од распад и од пропаст. Притоа, како правен експерт цврсто се држел до Уставот, не дозволил друг да го крши, туку лично тој му ја свиткал кичмата и го ставил на патерици.

Од друга страна, од позиција на шеф на државата, лавовски се борел за одбрана на правото и демократијата, неоспорувајќи ниту еден противуставен закон донесен од страна на неговата партија, не допуштил клетата опозиција и новинарите, насилно исклоцани од собраниската сала, да сведочат за буџетскиот грабеж на власта, енергично се спротивставил на разни граѓански активисти и соросоидни уличари да бараат човечки права и слободи, доследно се залагал за проевропска агенда со помош на Путиновската дипломатска пошта.

Од тие причини нашиот славен Хорхе, како последен бранител на државните и национални интереси повика на помирба и прочка меѓу бранителите на политичкото насилство и нивните противници, меѓу национал-шовинистите и слободоумните граѓани, меѓу неговиот светец Николае и јудистот Заев, барајќи од нив да заборават на сите сторени дела и недела, братски да се прегрнат пред Вмровскиот музеј на омразата, свечено да се заколнат пред вкрстена кама и револвер дека веќе од утре заеднички ќе се борат против сите видови промени и реформи во општеството, против било какви одговорности и истраги на СЈО, против било какви мултиетнички проекти и проалбански јазични отстапки.

Па, тогаш што уште да се додаде на ова бравурозна предпразнична беседа, освен по којзнае кој пат да се констатира дека кога некој ќе си го продаде образот и душата не му преостанува ништо друго туку неповратно да продолжи да тоне во длабините на безнадежта и животниот очај.

Слепо извршувајќи партиски директиви Ѓорѓе Иванов ќе остане запаметен во политичкиот живот како професор кој што вистината и правдата со еден претседатеслки потпис ги прогласи за антидржавни, антиуставни и антидемократски категории, а политичкиот авантуризам и карактеризам за возвишена цел кон која што треба да се стреми младата македонска интелектуална елита.

Сподели: