Историски прекројки на бугарските квазинаучници – Георги Ајановски

Сподели

 

“За мене московскиот саем беше посебно интересен, поради вообичаените бугарски провокации, постојано да излагаат книги со антимакедонска содржина, присвојувајќи значајни личности и настани од македонската историја и литература. Треба да се подвлече дека во тој период, официјалната советска политика целосно ја поддржуваше Бугарија во нејзините негации на македонското национално прашање, за разлика од нивните историчари, писатели и лингвисти, кои што отворено велеа дека таквата советска политика се должи на бугарското сојузништво во Варшавскиот пакт и верното служење на советските режими. На пример, тогашниот бугарски претседател Тодор Живков, за да ја искаже својата верност кон СССР, тврдеше дека “часовниците во Софија треба да се навиваат според стрелките на Кремљ” и дека “Бугарија треба да стане една од советските републики”. Обичните советски граѓани се гнасеа од ваквата бугарска покорност, велејќи дека искрено се срамат што СССР има еден таков лигав сојузник.

На една саемска манифестација, како комесар на македонскиот издавачки штанд, беше назначен директорот на “Македонска книга”, 92 Коста Бојаџиев, кој што заедно со писателот Паскал Гилевски и преведувачот Ташко Ширилов, врачија остар протест до организаторот на саемот, поради дрскоста на бугарските издавачи да изложат десетина книги во кои се фалсификуваше македонската историја и култура. Во нив, сите македонски востанија против турските завојувачи, вклучувајќи го и Илинденското, нивните водачи Гоце Делчев, Јане Сандански, Ѓорче Петров и многу други, беа прикажани како “светли ликови од бугарската историја”, македонскиот јазик како бугарски дијалект, а речиси сите поголеми македонски градови, на чело со Охрид, како дел од бугарската територија и држава.

Пo овој протест, некои од тие книги беа повлечени од страна на организаторот, ама веќе по два дена повторно се најдоа на ударно место во изложбениот салон. Директорот на саемот, во изјава за “Нова Македонија” ми призна дека бугарската делегација интервенирала кај советските партиски функционери, по што добил налог да се вратат отстранетите книги. По тој повод, тој ќе истакне: Многу жалам што нашите бугарски пријатели оваа саемска манифестација ја користат и злоупотребуваат за политички цели.

Во слични дебати влегуваа и нашите еминентни историчари, кои редовно присуствуваа на разни научни симпозиуми, каде со агресивните бугарски колеги разменуваа остри полемики околу нивните груби фалсификувања на македонската историја. Присуството на вакви дебати, за мене претставуваше вистинско уживање: со несоборливи факти нашите историчари ги разобличуваа бугарските тези за наводната ослободителна мисија на нивните окупаторски војски во Македонија, за време на Втората светска војна. Самото спомнување на неспорната вистина дека Бугарија во таа војна беше верен фашистички сојузник, а македонскиот народ, заедно со другите југословенски народи, веднаш по германскиот воен поход на СССР, се крена на вооружено востание против фашистичките окупаторски сили, за бугарските историчари дејствуваше како да беа удрени со мокра чорапа по главата. Збунети и покиснати од срам, тие на разни начини се обидуваа пред советските и други историчари да најдат некое оправдување за бугарскта улога во тие настани, поради што во големата сала на “Ломоносов”, меѓу присутните настануваше гласна смеа. Со силна поддршка на полските и чехословачките историчари, како и на многубројните југословенски колеги, нашите претставници едноставно ги декласираа глупавите и бесмислени историски прекројки на бугарските квази научници.

Од книгата на Георги Ајановски “НОВИНАРСКИ ХРОНОПИС”