Вести Македонија Ударни вести

ЈП Комунална хигиена за празникот Курбан Бајрам ќе постави контејнери за одлагање на органски отпад

Сподели:

 

Директорот на ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани, денеска на прес-конференција ги информираше граѓаните дека и годинава во сите скопски општини каде што масовно се празнува верскиот празник Курбан Бајрам, во периодот 30.07- 01.08.2020 година, Претпријатието ќе постави посебни контејнери со зафатнина од 5м3 во коишто граѓаните ќе можат да го одложат органскиот отпад.

 

 

„Во овој период кога сите заедно се бориме со пандемијата на вирусот Ковид 19, неконтролираното одлагање органски отпад може да доведе до низа штетни последици врз нашата животна околина и здравјето на граѓаните. Минатата година, ЈП Комунална хигиена-Скопје за прв пат постави специјални садови каде што верниците го исфрлаа својот органски отпад за време на празнувањето на празникот Курбан Бајрам и бевме многу задоволни од резултатите на оваа акција, што придонесе значително да се намали одлагањето органски отпад на јавни површини.

Од овие причини, одлучивме и годинава да поставиме 17 вакви садови на повеќе локации во скопските општини Чаир, Бутел, Гази Баба, Шуто Оризари и Сарај, за нашите екипи да бидат во можност навремено да го подигнат и да го транспортираат овој вид отпад и на тој начин да се избегне евентуалното ширење на заразни заболувања и непријатната миризба.“ – изјави директорот на  ЈП Комунална хигиена-Скопје, Абдусамед Шабани.

 

 

На прес-конференцијата присуствуваше и скопскиот муфтија Кенан Исмаили, којшто упати апел до сите муслимански верници да не го исфрлаат својот органски отпад на јавни површини и на тој начин да придонесат за заштитата на своето и здравјето на своите најблиски.

 

Сподели: