Директорот на БЈБ, Тасевски ја отвори обуката на тема „Јавна и приватна безбедност“

Сподели

 

„Јавната безбедност претставува дел од севкупната безбедност, односно оној најконкретен облик на безбедноста насочен кон заедницата и кон нејзините граѓани. Сегмент што во целост е нормативно регулиран со низа законски акти – Закон за полиција, Закон за прекршоци против јавниот ред и мир, Закон за приватно обезбедување и други, но и од подзаконските акти, кои произлегуваат од нив, чие што спроведување во најголема мерка е примарна задача на полицијата“, ова меѓу другото, го истакна директорот на Бирото за јавна безбедност при МВР, м-р Сашо Тасевски во своето денешно поздравно обраќање во Центарот за обука на МВР во Идризово, а по повод почетокот на дводневната обука наменета за полициски службеници и припадници од приватните агенции за обезбедување, на тема „Јавна и приватна безбедност“.

 

Нагласувајќи ја важноста на обуката во натамошно продлабочување на соработката меѓу полицијата и приватните агенции за обезбедување, заради развој и градење поквалитетни и поефикасни начини за спроведување на законите во областа на јавната и на приватната безбедност, директорот Тасевски потенцираше дека всушност јавната и приватната безбедност се упатени една кон друга, како два посебни сегмента на безбедност, кои што сепак, имаат заеднички интереси.

„Од аспект на Министерството за внатрешни работи, свесни сме дека остварувањето на соработката меѓу приватното обезбедување и јавната безбедност е сложен и комплексен процес, кој најдобро може да ефектуира кога постои формализиран начин на комуникација на засегнатите страни, преку континуирана размена на информации и идеи. Оваа обука во таа насока претставува одлична можност за нотирање на неколку клучни аспекти: почнувајќи од координацијата и соработката помеѓу полицијата и приватната безбедност кои што се однесуваат на зголемување на бројот и опсегот на партнерски активности, преку зголемената динамика на размената на информации, па сѐ до подобро искористување на ресурсите и институционализација на партнерствата“, истакна директорот Тасевски.

Според Суза Трајковска, помошник директор и модератор на настанот, со овој вид заедничка обука ќе се воспостави подобра комуникација помеѓу вработените од полицијата и од агенциите за приватно обезбедување која ќе придонесе за многу позитивни придобивки и за полицијата и, генерално, за Комората за приватно обезбедување.

Од своја страна, пак, претседателката на Комората за приватно обезбедување, Верица Милеска-Стефановска, изразувајќи посебна благодараност за поддршката која како приватен сектор ја добиваат од МВР, ја истакна клучната улога на

Министерството во процесот на организирање во дејноста на приватно обезбедување, но и во контролата на работењето на овој приватен безбедносен сектор.

„Ќе ми дозволите да изразам почит кон поддршката што ја добиваме од нив и во делот на  потребите да се работи во континуитет и да се овозможи вршителите на дејност приватно обезбедување во Македонија да бидат дел од ваква обука, да ги надградат своите знаења водени од врвни експерти во областа и истовремено да разменат искуства и практики со непосредно вклучените во процесите на вршење на работи од областа на безбедноста. Во контекст на јасно поставените обрски и одговорности наспроти објективната и реална состојба, во оваа прилика најпрво го нагласувам значењето и потребата од заедничката соработка на сите инволвирани чинители во безбедносните процеси, ако сакаме крајно да се пофалиме со високо професионална безбедност и сигурност“, потенцираше Милеска-Стефановска.