Музеј на РС Македонија: “Женска градска облека од османлискиот период во Македонија”

Сподели
 
Каталогот “Женска градска облека од османлискиот период во Македонија” е издаден за истоимената изложба одржана во 2017 година, чиј автор е Горан Костадинов.
 
 
 
 
Во каталогот е прикажан дел од градската женска облека која се носела во македонските градови во втората половина на 19 век и почетокот на 20 век, кога почнало влијанието на западноевропската мода.
 
 
 
 
Градовите во Македонија во 19 век и почеток на 20 век ги имале специфичностите на турско-ориентални градови, со чаршиите како економски центри, во кои постоело развиено занаетчиско производство во тесна врска со традиционалниот начин на живот на граѓаните, но и начинот на тргување. Облеката носена во градовите, без разлика на специфичноста на кројот, стилските и техничките особености при украсувањето, како и материјалите употребени за нивната изработка, имала карактеристика на ориентално-левантинско облекување кое било преземено од повеќевековните владетели на Балканот.
 
 
 
 
 
Владејачката елита во сите провинции во империјата се облекувала во турско-ориентален стил. Овој стил го имитирале граѓани од која било социјална група која имала аспирации кон повисок статус и богатство и заради тоа сакала да се облекува во прифатениот и модерен костим од тоа време.
 
 
 
 
Основен елемент од градската женска облека бил фустанот. Тој бил сечен во струкот и имал набран долен дел до глуждовите. Горниот дел на фустанот бил кроен тесно до телото, со долги и тесни ракави и раскопчување на средината на градите, од вратот до половината. Фустаните биле направени од памук, волна и свила. Постарите жени носеле фустани во потемни бои, додека помладите жени носеле фустани во посветли бои, од повеќе видови свилени и полусвилени материјали: рипс, тафт, сатен-атлас. На главата жените носеле шамии или марами од свилени или памучни еднобојни материјали, украсени со оји на рабовите. Имале повеќе називи, каврак, мумија, шкепе, ципа, се врзувале преку косата сплетена во плетенки, така што краевите се прекрстувале под плетенките, ја обвиткувале главата и се врзувале на темето.
 

@Музеј на Република Северна Македонија