Вести Македонија Ударни вести

Ковачевски-Гир: Пристигна поддршката од ЕУ 80 милиони евра за справување со енергетската криза

Сподели:

 

Претседателот на Владата, Димитар Ковачевски, заедно со шефот на Делегацијата на ЕУ во нашата држава Дејвид Гир, на прес-конференција ја потенцираа заложбата на Европската Унија во поддршката на Северна Македонија да ги надмине предизвиците од глобалната економска и енергетска криза.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула Фон дер Лајен при посетата на нашата земја во октомври минатата година најави грант од 80 милиони евра како буџетска поддршка за ублажување на кризата. Премиерот Ковачевски посочи дека грантот од 80 милиони евра од ЕУ е поддршка за субвенции на граѓаните за сметките за електрична енергија, поддршка на малите и средни компании за одржување на континуитет на бизнисот како и за инвестиции на државата за енергетска транзиција, обновливи извори на енергија и енергетска ефикасност.

 

 

„Овие средства се веќе достапни и се дел од пакетот антикризни мерки во износ од над 760 милиони евра кои Владата ги донесе и кој според податоците на Светска банка е највисока буџетска поддршка во регионот за справување со кризата. За 2023 година во буџетот во посебна програма предвидени за справување со енергетска криза се 225 милиони евра. Покрај мерките со сеопфатен план за реализација, Владата со силна волја во соработка со сите институции, со министрите, со поддршка и партнерство и со земјите од регионот како и со Европската Унија, спречи ценовен шок и овозможи стабилно снабдување со електрична енергија. Успеавме да го зголемивме производството од домашните капацитети, да осигураме стабилност на цената на струјата, а тоа пак влијае директно врз стандардот на граѓаните, но и врз стабилизација на инфлацијата“, рече претседателот на Владата.

„Кризата ја претворивме во можност. АД ЕСМ во јануари и февруари го зголеми производството за 50% во споредба со истиот период лани и во целост го исполнува планот за производство. Зголеменото производство на електрична енергија во Државните електрани, овозможи ЕСМ Продажба значително да ги намали набавките на струја на берзите. ЕСМ обезбедува евтина струја за училиштата, образовниот процес да се одвива во училиштата, за јавните комунални претпријатија преку кои граѓаните се снабдуваат со вода, како и за прехранбената индустрија“, рече Ковачевски.

Евроамбасадорот Гир истакна дека од клучна важност за ЕУ е поддршката за граѓаните и компаниите но и за нови инвестиции.  

 

 

„Нашата поддршка е поткрепена со акциски план кој што треба да ја обезбеди имплементацијата на одржливите реформи во енергетскиот сектор, ова мора целосно да се имплементира. Но, овие 80 милиони евра се само дел од еден поширок пакет вреден 1 милијарда евра кој што ЕУ го подготви за целиот Западен Балкан. Голем дел од овие пари се веќе достапни за да се поддржат инвестициите во зелената енергетска транзиција, транзиција која што станува навистина се поитна. Ова е покрај оние при кои што ЕУ и нејзините партнери ги обезбедија за енергетскиот сектор во оваа држава, ова не се бројки, ова се луѓе, не се апстрактни обврски, туку практична помош за да се обезбеди заштита сега и да се помогне да се изгради поодржлива зелена иднина заедно. Тука во Северна Македонија на Западен Балкан и во ЕУ. Затоа што енергијата не поврзува и затоа што знаеме дека сме семејство, и затоа што сме уверени дека нашата заедничка иднина лежи во ЕУ“, рече евроамбасадорот.

Сподели: