Колумна Текстови

МАЛОГРАЃАНСКАТА ЗАВИДЛИВОСТ – Александар Литовски

 

Завидливоста, дури и во нејзината „најневина“ форма, е една од најлошите човечки емоции и слабости. Оваа порочна карактеристика произлегува од изопачената природа на некои луѓе, кои „се лутат“ кога ги гледаат добрите нешта што им се случуваат на други луѓе и посакуваат и другите да бидат унесреќени како што се и самите тие.

Александар Литовски

Присутна е зависта отсекогаш кај голем број на луѓе, но се чини дека живееме време кога во комбинација со пазарниот фундаментализам кај нашите малограѓани таа е изразена до крајни граници. Впрочем, сите можеме да видиме дека зависта во овој наш неморален град, вирее како што пченицата вирее во најплодните ниви и, може да се рече, денес има форма на своевидна градска пандемија. Инаку речено, зависта веќе е претворена во неодминлива и крајно опасна општествена карактеристика, која ги руши и ништи солидарноста и хармонијата врз кои треба да се гради секој здрав градскиот живот.

Добро е да се знае и памети дека зависта уништила многу луѓе, особено многу умни и добри луѓе. Еден од нив е, на пример, познатиот филозоф Сократ кого малограѓаните од неговиот роден град го осудиле на смрт и погубиле. Дека завидливоста го убила овој прочуен филозоф, може недвосмислено да се разбере од неговите зборови пред судот во Атина, кои ги пренесува Платон во својата „Одбрана Сократова“: „Не мажи атински, за тоа, дека не сум виновен според Мелетовото обвинение, ми се чини не е потребно многу да се бранам, достатно е ова, а за она пак, што говорев порано, дека голема омраза настана против мене и тоа од многумина, знајте добро, вистина е. Тоа и е она што ќе ме осуди, ако ме осуди, а не Мелет, ни Анит, туку клеветата на толпата и нејзината завист. Тоа уништило и многу други добри луѓе и мислам и понатаму ќе уништува; нема опасност тоа само кај мене да запре… Но, веќе е време да се оди, јас во смрт, вие во живот. Кој од нас оди кон подоброто, секому му е нејасно…“

Љубомората, што е синоним за зависта, нашите малограѓани никогаш не ја изразуваат отворено, та затоа, таа им ги разјадува душите, како во неа трајно да се вселил некаков злобен црв. Тоа ги прави неспособни за било каква искрена радост и било какво корисно и убаво творештво. Завидуваат нашите малограѓани на сè: на оние што имаат помалку, ама се задоволни и среќни, на оние што имат повеќе, на оние што знае повеќе, на талентираните, на успешните, на питомите и добрите, на чесните и моралните… Отровот на зависта го заслепува малограѓанинот, па затоа тој никогаш причината за своите неуспеси и за својата злоба не ги пронаоѓа во себе си, туку вината секогаш ја наоѓа во некој друг, во општеството, во државата, во градот, во работната средина, семејството, другите луѓе… На тој начин соживотот меѓу членовите на овој наш мизерен град станува ужасно тежок, односно се претвора во жестока, безмилосна, ѕверска борба за имотност и слава, која, пак, во крајна линија, води до лични и колективни несреќи и самоуништување.

Завидливците, кои кај нас, најчесто, се злобните и недоволно реализирани малограѓани кои катадневно седат по кафеанските маси со оловно-сива боја на лицата и саркастично-злобна насмевка на устите, и од таа позиција кај секој минувач ја гледаат облеката и изгледот и, љубоморно му наоѓаат наводни недостатоци или му пришиваат некое „крпче“ кое го измислуваат со цел да го оцрнат и омаловажат. Тие го сочинуваат она градско вампирско подземје кое деноноќно завидува и мрази, кое непрестано мрмори, подметнува, поткупува и корумпира, гази и уништува. Но, тие сосема сигурно ја немаат во предвид онаа мисла на Шекспир по која: „Ако некого го мразат многу луѓе, тој мора да е добар човек“, па нивната омраза и љубомора некогаш има и обратен ефект, односно ги истакнува и им ја зголемува славата на луѓе кои се добри и кои исправно работат.

Човек може и треба да се обиде да се спротистави на слабокрвните, слабоумните и слабоморалните малограѓански вампири кои со години, деноноќно, шетаат низ улиците на овој град и, најчесто беспричински, завидуваат на сите кои се добри и чесни. Треба да се спротистави на оние балсамирани мумии кои скришно и таинствено ѕиркаат скриени од зад прозорците на своите гробници кои ги нарекуваат „дом“ и болно љубоморат. Човек може и треба да се обиде да ги испокрши тие прозорци, да ги запали тие куќи, да ги изнеси сите тие полулуѓе на светлото на денот и вистината. За градот да почне слободно да живее и напредува!

Сподели: